Постарите возила од денеска плаќаат за влез во центарот на Лондон

Од денеска стапува на сила Ултра ниската зона на емисии во центарот на Лондон, во која на возачите на постари возила кои повеќе загадуваат ќе им се наплаќа за влез во централното градско подрачје.

Лондонското транспортно претпријатие (ТФЛ) се надева дека со ваквата зона ќе се намали бројката на возила кои загадуваат во градот, проценувајќи дека секојдневно со оваа давачка ќе бидат опфатени околу 40.000 возила, пренесе Би-Би-Си.

Најголемиот дел возила кои не го исполнуваат потребниот стандард ќе плаќаат по 12,50 фунти влез во централната зона секој ден, како надополнување на постојната такса за сообраќај во подрачјето.

Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, изјави дека овие промени се важни за борба со токсичниот воздух во градот.

Меѓу опфатените возила со новата регулатива се моторите под Еуро 3 стандард, бензинските автомобили кои не го задоволуваат Еуро 4 стандардот, како и дизел возилата под Еуро 6 стандардот. Автобусите и камионите ќе треба да исполнуваат најмалку Еуро 6 стандарди или да платат дневна такса од 100 фунти.