„Post Global Trio“ и „Private Mountain“ настапуваат во СЦ „Дуња“

Во Социјалниот Центар „Дуња“ во недела (29 декември), во 20:30 ч. концертно ќе бидат промовирани новите албумски остварувања на амбиенталните проекти „Post Global Trio“ и „Private Mountain“ со две импров сесии.

„Philosophical Meditations“ е петтиот албум на триото „Post Global Trio“, а прв за јапонската независна издавачка етикета „Alien Garage“. „Post Global Trio“ е проект на Тони Димитров, Димитар Додовски и Мартин Георгиевски кој создаваат звук кој во себе вклучува теренски снимки од природата, матрици со амбиентални и new age текстури и импровизации со процесирана гитара. По албумот „Minus Seven“ (Shimmering Moods Records), по пауза од две години, го издаваат „Philosophical Meditations#, изведен во живо на овогодинешниот Филозофсkи Филмски Фестивал во Скопје.

Иако еднакво апстрактен и импровизиран како и претходниците, материјалот е пофокусиран и поконкретен од досегашните албуми на ниво на аранжмани. Звукот е повторно втемелен на теренски снимки од природа, суптилна електроника, гитара и акустични инструменти, со значително повеќе динамика и флуиден тек благодарејќи на ритамот, кој пак побудува потопла атмосфера. Како логично надоврзување и продолжување на традицијата да понуди долги лебдечки амбиентални делници, албумот овој пат е разделен на два сегменти втиснати на А и Б страната на касетата издадена за јапонската етикета Alien Garage.

„Private Mountain “е проект на Димитар Додовски и Тони Димитров кој го издава својот деби албум „Blue Mountain“ на CD за англиската етикета Neotantra во сопственост на Lee Anthony Norris, култна фигура на IDM и Detroit Techno сцената во 90-тите и раните 2000-ти. Албумот е комплексен спој од теренски снимки, дрон и амбиентален звук, кој ги плени љубителите на овој музички жанр со својот емоционален импакт и суптилна носталгичност.

Присутните на овој настан ќе бидат во можност да го купат албумот на CD.