Пошироки и розови паркинг места за жени во Кина – обвинувања за сексизам

Еден трговски центар во кинескиот град Далиан одлучил да обележи посебни паркинг-места со розова боја, кои се за 30 сантиметри пошироки од стандардните. „Женските“ паркинг-места, покрај кои стои знак „со почит резервирано за жените“.  предизвикаа лавина од реакции на социјалните мрежи, а менаџерите се обвинети за сексизам.

Пошироки и розови паркинг места за жени во Кина - обвинувања за сексизам

„Жените имаа потешкотии да паркираат на стандардните места. Сакавме само да им помогнеме, затоа што жените го сочинуваат мнозинството од нашите муштерии“, вели директорката на трговскиот центар, Јанг Хонгџун.

Официјалната кинеска политика со децении наназад прокламира еднаквост меѓу половите – комунистичкиот идеолог Мао Це-тунг има напишано: „жените зафаќаат половина од небото“. Сепак, во реалноста сексизмот е многу присутен во кинеското општество. Лани, на официјален профил на полицијата  беше напишано дека жените „немаат чувство за насока“ и дека „често се неодлучни на која страна да тргнат“.

Инаку, возењето во Кина е многу опасно и за мажите и за жените – според официјалните податоци, во 2012 повеќе од 60.000 луѓе загинале на кинеските патишта.