Посетите на тоталитаристичките држави на човекот кој го пропатува светот

Северна Кореја е „забегана во секој поглед“, вели Gunnar Garfors, која на 37 години стана најмладиот „рекреативен патник“ кој ја посетил секоја земја во светот. „Престојувањето таму предолго ќе ви го помати умот“, вели.

За повеќе од една деценија, норвешкиот новинар успеа да влезе во 198 земји, односно пет повеќе од официјалниот број на Обединетите нации, со оглед на тоа што ги вклучи и Палестина, Ватикан, Косово, Западна Сахара и Тајван.

Garfors објаснува дека како рекреативен патник, патува само во слободно време и не е платен за тоа. Тврди дека нема многу пари, но патувањето низ цел свет му бил поголем приоритет од „сопруга, автомобил и колекција на CD-a“. Оттогаш напиша книга за неговите искуства.

На Garfors му се јавила потреба за авантура во 2004 година, после патување низ Казахстан и Киргистан. Вели дека била маѓепсан од поранешните советски земји во централна Азија, и решил да ги прошета трите останати „стана“ пред да почне со сите други земји во светот.

„Туркменистан е втор на мојата листа на луди земји“, вели Garfors. „Можев да шетам наоколу послободно отколку во Северна Кореја, но беше очигледно дека ме надгледуваат“. Земјата е редовно на дното на глобалните ранг листи за слобода, во друштво на Северна Кореја и Еритреја.

Нацијата неодамна ги отвори границите за туристи кои можат да го посетат таканаречениот „диктаторски Дизниленд“ во главниот град, Ашхабад, каде има статуа со висина од 20 метри на претседателот Gurbanguly Berdymukhamedov крај златен коњ.

Другите атракции на земјата се „вратата до пеколот“ во кратерот Дарваза, и ретко видени делови од Свилениот пат, античката трговска патека во регионот.

Како контраст на тоа, Garfors ја опишува Еритреја како „навистина неверојатна земја“, ограничена од воената обврска и суровата влада, фактори кои придонесуваат за егзодусот без преседан на околу 5000 граѓани секој месец.

Да успее да влезе не било лесно. Првиот пат кога аплицирал за виза од амбасадата во Стокхолм чекал шест недели, пред да го добие пасошот назад со белешка „Hellow! Your visa application rejected“.

Се обидел уште еднаш, овој пат додавајќи и порака за тоа „колку многу слушнал за земјата и сака да ја посети“. Визата му била одобрена и отпатувал во Еритреја во 2012 година.

Но, Garfors објаснува дека во Еритреја, сега наречена „африканската Северна Кореја“, не е најтешко да се влезе. Ангола, која е исто така позната по прекршувањата на човековите права, била уште позатворена.

„Одбија да го вратат мојот пасош бидејќи направив грешка при пополнување на формулар. Следев инструкции на веб страница која не е ажурирана од 2003 година“.

Кога му го вратиле пасошот, Garfors резервирал лет за кој требало 13 часа да престојува во главниот град Луанда.

„Пешачев од аеродромот и појадував во бар во кој имаше пуштено блага порнографија, ја одбив нивната понуда да пуштат нешто пожестоко, и се вратив пеш до аеродромот“.

Вели дека Ангола е земја која е најтешко да се посети во Африка, а веднаш зад неа се Еритреја и Екваторијална Гвинеја.

Благодарение на неговите амбициозни патувања, Garfors се навикнал да преговара со граничните полицајци. „Нема да пополнам формулар погрешно никогаш повеќе“, вели, споделувајќи уште неколку трикови.

Објаснува дека речиси секогаш е полесно да се добие виза од соседна земја. Токму така и успеал да влезе во Екваторијална Гвинеја.

Garfors вели дека неговите искуства од патувањата рушат некои чести заблуди за некои од најзатворените држави во светот. Да се влезе во Северна Кореја, на пример, не било неверојатен потег како што многумина веруваат, бидејќи има мал, но развиен туристички пазар.

Сепак, Garfors бил фрустриран од режимот кога патувал таму во 2009 година. „Не уживам во тоа некој да ми кажува што да правам и не сакам тури со водичи“, вели.

Сепак, успеал да прошета без неговиот туристички водич. Претходната ноќ се опил, и го пратил возачот да го набљудува место него, објаснува Garfors.

На возачот, кој не бил во најдобра форма, му било тешко да држи чекор со Норвежанецот. Трчајќи долж реката Тадонг во Пјонгјанг, привлекувал „изненадени погледи“ од локалните жители.

После многу пропатувани километри, Garfors нашол речиси долготрајна љубов – девојка од соседната Јужна Кореја, но врската не успеала. „Интересно за Јужна Кореја е што прават свадбени фотографии неколку месеци пред свадбата, така што имам фотографии, но не се оженив“.

Друг светски патник кој сака да ги посети сите земји во светот, поранешниот уредник на Playboy, Albert Podell, неодамна беше обвинет дека е „културно глув“, откако објави тест за The Atlantic за местата кои е најтешко да се посетат.

„Овде има трагична иронија“, пишуваше Nadine Ajaka, исто така за Atlantic. „Како што Podell го опишува неверојатниот напор да се влезе во места како Судан и Северна Кореја, за поголемиот дел од светот, Соединетите Американски Држави се меѓу земјите кои е најтешко и најскапо да се посетат“.

Garfors вели дека е свесен за својата привилегија како сопственик на норвешки пасош.

Објаснува дека едно од најголемите изненадувања на неговите авантури било што повеќето луѓе „не ни слушнале за таа земја наречена Норвешка, која ние мислиме дека е центар на универзумот“.

„Ако не станете поскромни во тој процес, нешто не е во ред со вас“.

Извор: Guardian