Посетете го Саемот за студии во Франција

Францускиот институт во Скопје и одделот за високо образование Кампус Франс организираат Сaем на студии во Франција, кој се одржува денеска (8 ноември), од 10 до 18 часот во Домот на АРМ во Скопје.

Саемот ќе понуди информации за сите процедури за упис, за студиските програми, програмите за стипендии, директно од претставниците на универзитетите Сорбона Париз 4, Каен, Лион, Орлеан, Литорал Кот д’ Опал, Институтот за политички науки од Париз – Европскиот кампус за централна и источна Европа во Дижон…

Настанот е дел од Регионалниот патувачки саем на студии во Франција кој посетува повеќе земји од овој дел на Европа : Србија, Црна Гора, Македонија и Бугарија и е организиран од Амбасадата на Франција во Софија и Кампус Франс Софија, заедно со Амбасадите на Франција и бироата на Кампус Франс во горенаведените земји.

Годинава, француската влада преку амбасадата на оваа земја додели девет стипендии на македонските студенти за постдипломски студии во Франција. Македонските студенти  ја имаат можноста во оваа учебна година да студираат  со стипендија од француската влада на различни универзитети и на француските специјализирани, елитни  високи школи. Се работи за студии на ниво Мастер во различни области : политички науки, економија, природни и технички науки.

Стипендијата ги покрива трошоците за школарина, студентско здравствено осигурување, секојдневни животни трошоци. Стипендистите добиваат и дополнителни средства за купување книги, компјутери и друг неопходен материјал за нивното студирање, како и предност при сместување во студентски дом. Освен тоа, самиот статус на стипендист на француска влада им овозможува да имаат и други бенефиции.

Посебната програма “Солидарен развој” е наменета за студенти од техничките факултети и им дава можност да го надополнат своето знаење стекнато на овдешните факултети, на некој француски универзитет или на некоја од елитните француски специјализирани школи за инженери. Студиите се одвиваат на француски или на англиски јазик. За овие студенти, предвидена е посебна програма од самото пристигнување во Франција : пречек на аеродром, 4 дена разгледување на Париз и неговите знаменитости, седум недели интензивен курс по француски јазик во најдобрите јазични центри во Франција, а стипендијата која ја добиваат во текот на целата учебна година ги покрива сите трошоци наведени погоре.
Двајца македонски студенти се стипендисти на оваа програма за учебната 2013/2014 година.

Извор: Факултети