Посебен сообраќаен режим во Скопје за Велигденските празници

Во текот на викендов (27 и 28 април), а по повод празникот Велигден, сообраќајната полиција при СВР Скопје ќе воведе посебен режим за одредени сообраќајници во центарот на Скопје, како и во општините Ѓорче Петров и Аеродром.

„Денес во периодот од 18 часот, па се до завршувањето на настаните во врска со празникот, во центарот на Скопје за сообраќај ќе бидат затворени: булеварот ‘Партизански Одреди’ – од крстосницата со улица ‘Аминта Трети’ до крстосницата со булеварот ‘ВМРО’, и булеварот ‘Свети Климент Охридски’ – од крстосницата со ‘Илинденска’ до крстосницата со улицата ’Димитрие Чуповски’“, соопштува МВР.

Покрај ова, на возилата од јавниот градски сообраќај кои што поминуваат преку мостот „Гоце Делчев” им се менува трасата на движење при што истите ќе се движат по „Илинденска” и преку улица „Франклин Рузвелт“ ќе се вклучуваат на „Партизански Одреди“.

„Автобусите кои што поминуваат преку центарот на градот ќе се движат по ул. ‘М.Т.Гологанов’ па преку улица ‘Франклин Рузвелт’ ќе се вклучуваат на булеварот ‘Партизански Одреди’. И во спротивна насока автобусите ќе ги користат истите сообраќајници“, велат од МВР.

Во општината Ѓорче Петров по потреба ќе бидат затворени за сообраќај сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“ десно по булеварот „Партизански Одреди“, десно по улицата „Ѓорче Петров“, лево по „Васил Чакаларов“, како и сообраќајот од црквата „Свети Пантелејмон“ по ул.„Демир Трајко“ и лево по ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар.

Во општина Аеродром, пак, по потреба за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон селото Лисиче.

МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, како и наредбите што ги издаваат полициските службеници.