Португалскиот автор Бруно Виејра Амарал вечерва, со почеток од 20 часот клубот „Ла Кања“ ќе го промовира својот роман „Првобитните нешта“.
Се работи за јубилејниот, 150 наслов во „ПРОаЗА“ на издавачката куќа „Или-Или“ и прв превод на дело од португалски на македонски јазик во рамки на популарната едиција, за кој беше задолжена Наташа Сарџоска.
Промотор на книгата ќе биде универзитетскиот професор Владимир Мартиновски.
Излегувањето на книгата и гостувањето на авторот во Македонија се дел од проектот „Креативна Европа“ на Европската унија.
За романот „Првобитните нешта“ во 2013 ги добил наградите „Книга на годината“ на списанието „Тајм Аут“, наградата „Фернандо Намора“, како и ПЕН наградата за проза. Ги објавил и „Водич низ 50-те ликови на португалскиот расказ“ (2013) и „Денес ќе бидеш со мене во рајот“ (2017).
Добитник е на престижната португалска награда за книжевност „Жозе Сарамаго“. Прогласен е за еден од десетте „Нови книжевни гласови на Европа“ за 2016 година.