Минатиот месец производството на енергија од обновливи извори во Португалија било повеќе од доволно за задоволување на потребите за електрична енергија на целата земја, нешто што не е забележано во последните 40 години во земјата, соопшти Португалската асоцијација за обновлива енергија (АПРЕН), пренесува НПР.
Организацијата информира дека производството на обновлива енерија во март било еднакво на 103,6 проценти од побарувачката на електрична енергија на континенталниот дел од Португалија, без островите кои имаат посебни енергетски системи.
55% од енергијата била произведена од вода, додека 42% била добиена преку ветер. Земјата се уште користи фосилни горива за да ја балансира понудата и побарувачката.
„Постојат часови кога термоелектраните и увозот на енергија биле потребни за да се задоволи побарувачката на енергија на Португалија“, соопштиле од АПРЕН.
Од организацијата очекуваат дека ваквата пракса, базирање исклучиво на обновлива енергија, додека фосилните горива служат само како повремена алтернативна поддршка, ќе станат се почести.
„Се очекува дека до 2040 година производството на обновлива електрична енергија да може да го гарантира, на ефикасен начин, целосната годишна потрошувачка на струја на континенталниот дел од Португалија“, велат од АПРЕН.
Исланд и Норвешка веќе подолг период ги задоволуваат своите потреби за електрична енергија преку хидро и гео-термални извори, но во овие земји тоа е можно поради предноста на нивната геологија, што претставува успех кој тешко може да се преслика на други места. На особено ветровитите денови во 2015 и 2017 година и Данска успеала да ги надмине сопствените потреби за струја само преку енергијата на ветерот.
Последните години и Костарика успеваше во период од неколку месеци да генерира енергија само од обновливи извори поради поројните дождови кои ги снабдувале хидроцентралите во земјата. Нешто слично минатиов месец се случило и во Португалија, каде било регистрирано поголемо количество врнежи од вообичаеното.
И, како што се зголемува производството на обновлива енергија, така паѓа и цената на струјата. Во споредба со минатата година, цената на електричната енергија во Португалија е намалена за 10 проценти.
Португалија има вложено значителни инвестиции во обновливи извори на енергија, слично како и соседната Шпанија.