Португалија станува четвртата земја од ЕУ која престана да користи јаглен за производство на електрична енергија

Португалија викендов ја затвори својата последна преостаната фабрика за јаглен, ставајќи крај на употребата на загадувачкиот материјал за производство на електрична енергија. Таа станува четврта земја во Европската унија што го прави тоа.

Еколошката група „Нула“ објави во соопштението дека фабриката „Пего“ во централна Португалија била втор по големина емитер на јаглерод диоксид во земјата, посочувајќи дека „ослободувајќи се од најголемиот извор на стакленички гасови е важен ден за Португалија“.

Иако лиценцата за електраната технички е во сила до крајот на месецот, нејзината конечна залиха на јаглен се потроши во петокот. Тоа ја направи саботата првиот ден кога во земјава се произведува струја без употреба на јаглен.

Овој потег доаѓа девет години пред целниот рок на Португалија за користење на фосилното гориво до 2030 година. Процесот започна во 2017 година кога земјата потпиша декларација за напуштање на употребата на јаглен на КОП23.

Белгија, Австрија и Шведска се другите три европски земји кои веќе престанаа да користат јаглен за производство на електрична енергија.

Иако дури 60 до 70 отсто од нејзината електрична енергија доаѓа од обновливи извори, Португалија сè уште многу се потпира на увезени фосилни горива за да ги задоволи севкупните потреби за енергија.

Повлекувањето на Португалија од јагленот доаѓа откако Европската комисија објави дека ќе ја тужи земјата поради тоа што не презема мерки за лошиот квалитет на воздухот.

И покрај раната промена на електрична енергија без јаглен, постои загриженост дека фабриката „Пего“, управувана од приватната групација „Техо Енергија“, сега може да биде претворена за да согорува дрвени пелети.

„Предизвикот сега е да се осигураме дека претпријатијата нема да направат грешка да го заменат јагленот со фосилен гас или неодржлива биомаса“, рече Катрин Гутман, директорка на кампањата во „Европа без јаглен“.

„Отфрлањето на јаглен само за да се префрли на следното најлошо гориво очигледно не е одговор“, рече претседателот на „Нула“, Франциско Фереира.

„Наместо тоа, фокусот треба да биде на брзото зголемување на капацитетот на нашата обновлива енергија во ветерот и сончевата енергија“, додава тој.

Нацрт-документот што го сподели Ројтерс во јуни покажа дека ЕУ размислува за заострување на правилата за тоа дали енергијата од дрво може да се класифицира како обновлива.