Портрет на бегалец кој бил дете-војник доби престижна уметничка награда

Хиперреалистичен портрет од Ден Адут, бегалец, сегашен адвокат и некогашно дете-војник, насликан од Ник Статопулос, ја доби People’s Choice наградата. Наградата беше доделена на престижниот натпревар за портрети, Арчибалд, кој се одржува во Уметничката галерија на Нов Јужен Велс.

Адут бил киднапиран од паравоените формации како дете во Судан. Во Австралија како бегалец пристигнал во 1998 година. Откако самиот се научил да чита, студирал право и сега е адвокат кој им помага на бегалците како него.

За да се заврши неверојатно реалистичниот портрет насликан од Ник Статопулос биле потребни четири месеци.

„Навистина треба да го имате субјектот пред вас за да ја опфатите таа животна искра и присутност. Тие очи, тие лузни, раскажуваат приказна која ниту една реклама не би можела да ја раскаже“, вели уметникот.

„Мора да е некаков вид на магија, но Ник навистина го улови она што се крие под мојата кожа во неговата слика“.