Порталб.мк: 19 милиони евра потрошила Владата на Груевски за книги кои скапуваат по магацини

770 наслови се печатени во тираж од 1.000 примероци по книга и потрошени се најмалку 19 милиони евра народни пари низ десетгодишниот владин проект „Превод на 1.050 стручни и научни книги и учебници од кои се учи на врвните универзитети“, реализиран од Владата на Република Македонија во периодот 2008 – 2017 година, покажува истражувањето на Порталб.мк кое го објавува во повеќе делови.

Од интернет порталот пренесуваат дека неколку десетици илјади примероци се наоѓаат во нечист и неуреден магацин на Министерството за образование и наука во Гостивар и уште десетици илјади други, во исти услови, во магацините на Министерството за култура во Скопје.

За проект што траел 10 години, направени се само две ревизии, и тоа генерално за работата на Министерството за образование и наука, едната во 2010 година, а втората во 2016 година. Ревизијата наведува дека МОН ги прекршило законските одредби како што се: обезбедување конкуренција, еднаков третман на конкурентите, недискриминација, транспарентност, рационално и ефикасно користење на средствата, како и распределба на средствата според договорот за јавната набавка.

Порталм.мк посочува и дека во ревизијата направена во 2016 година, кога на чело на Министерството за образование и наука беа Абдулаќим Адеми (2014 – 2016) и Пиштар Луфтиу (2016 – 2017), се вели дека препораките од ревизијата направена во 2010 година не биле земени предвид и дека МОН продолжил да ги крши законските одредби за јавни набавки.

Порталб.мк побарале став од Министерството за образование и наука за наодите на ревизијата, оттаму поранешната министерка Рената Дескоска кратко изјавила дека: „Се прави внатрешна ревизија. Но, тоа е внатрешно. Ако откриеме нешто, тогаш ќе ја известиме јавноста“. (изјавата е од 10.04.2018).

Неквалитетни преводи

Во вториот дел од истражувањето Порталб.мк пренесува и дека според извештаите на МОН, сите книги ги исполнувале критериумите само од технички аспект, односно надворешниот изглед. Одговорноста за квалитетот на преводите паѓа врз издавачките куќи. Кога се однесува за контрола на квалитетот, тоа не било побарано и не е направено од министерствата.

„Обврските и одговорностите за преводот им припаѓаат на издавачките куќи“, потврдила екс-Министерката Дескоска за Порталб.мк.

Главниот критериум на министерствата за избирање на една издавачка куќа била најниската цена на понудувачот. Издавачките куќи професионалната способност требало да ја докажат само со документите: листа и примерок на издадена литература во последните 3 години со тираж над 1.000 примероци по издание, и изјава за бројот и квалификационата структура на вработените што ќе ги ангажира за реализација на предметниот договор, вклучувајќи ги и лицата кои ќе бидат ангажирани за стручната редактура, лектура и компјутерска обработка. Во договорите склучени од министерствата со издавачките куќи, не е предвидена казна или раскинување на договор во случај на неквалитетен превод. Од нив исто така не побарано да набројат јасни критериуми за избирање на преведувачи и лектори.

Според неофицијалните информации на „Порталб.мк“, преведувачи на книгите особено од првата фаза, освен професорите, биле и поединци кои држат настава по англиски јазик и литература во средни училишта. Имало и од тие кои имаат завршено само високо образование и употребувале Google Translate, но оваа информација јавно никој не сакал да ја потврди.

Покрај тоа, студент потврдил дека една од книгите по хемија е делумно преведена од страна на студентите, на кои трудот им бил „исплатен“ со положен испит, а не со пари. Издавачката куќа „Просветно дело“ потпишала договор со МОН за објавување на книгата „Органска хемија” од авторот Џон Мекмури. Книгата не се користи од страна на студентите, бидејќи содржи научни невистини кои што се резултат на несоодветниот превод.