Врвни имиња на македонската и пошироката џез сцена ќе собере на едно место првиот „Porta Jazz Festival”, што ќе се одржи од 28 февруари до 2 март во култниот клуб „Porta Jazz“ во Битола.
На тридневниот фестивал ќе се претстават Тони Китановски трио, Алек Секуловски, Сашо Поповски, Оливер Јосифовски, Sethstad, Jazzobell Quintet и Кубанецот Оскар Салас и Американецот Дејв Вилсон.
– „Porta jazz fest” ќе биде настан кој ќе ја слави пред се националната џез сцена, и кој ќе се обиде на едно место да ги собере најдобрите македонски џезери и нивните љубители. Сред напливот на шунд и неквалитет со кој се соочуваме секојдневно, со овој настан ќе се обидеме да направиме уште еден донкихотски обид да ја потсетиме публиката кои се музичките вредности што и дома звучат светски, изјави организаторот на фестивалот Влатко Христовски – Дадо.
Фестивалот ќе го отвори промоторот на џез културата во Македонија, Оливер Белопета. Покрај музичките настапи пред публиката, во програмата на фестивалот се предвидени и џез работилиници и проекции на филмови.