Поранешниот премиер Груевски доби казна затвор од 1,5 година за шамарите во Центар

Судот ги прогласи за виновни обвинетите во случајот за нарачаните шамари во Центар. Притоа досуди казна од една и пол година затвор за поранешниот премиер Никола Груевски, кој во моментов е во бегство, во Унгарија. Неговиот близок соработник, поранешниот министер Миле Јанакиески доби условна казна затвор од една година, со тоа што следните четири години не смее да стори кривично дело за да не оди во затвор.

Условни казни добија и останатите обвинети, Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Трајче Петковски и Игор Бошковски.

Шамарите во Центар паднаа во 2013 година, во текот на насилните протести пред општината. Според обвинението кое првично го поднесе Специјалното јавно обвинителство, Груевски преку Јанакиески сакал да ја спречи седницата на Советот за смена на ДУП-от со други градби за Мал ринг. За таа цел, поддржувачи на тогаш владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, ја нападнаа и ја искршија бараката каде требаше да се одржи седницата.

Судот од обвинетите побара да ја надоместат штетата на Општина Центар од 27 илјади денари.