Поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков осуден на 12 години затвор за случајот „Таргет-Тврдина“

Поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков доби затворска казна во траење од вкупно 12 години во случајот „Таргет-Тврдина“ каде денеска беше прогласен за виновен за злосторничко здружување, злоупотреба на службената положба и за примање награда за противзаконито влијание. Судот одлучи да го прифати предлогот на обвинителката Ленче Ристоска која побара ефективен наместо домашен притвор за Мијалков, до правосилноста на пресудата.

Поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска е прогласена за виновна за злоупотреба на службената должност и овластувања и доби затворска казна од четири години, додека највисоки казни од 15 години затвор добија поранешните вработени лица во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски, кои побегнаа во Грција, каде имаат добиено азил.

Случајот „Таргет-Тврдина“ е главниот судски процес за масовното нелегално прислушкување кое го спроведувала УБК во периодот од 2008 до 2015 година, кој беше отворен од Специјалното јавно обвинителство (СЈО), а кој потоа беше преземен од Основното јавно обвинителство (ОЈО).

„Обвинетите, кои во критичниот период биле високи функционери во власта, покажале став дека функционерите се над законот. Кога таков функционер, со такви овластувања, го прекршува законот, тоа ги урива темелите на правната држава. Функционерите би требало да ги почитуваат законите. На нив им се дадени големи овластувања, но од нив, исто така, се очекува највисок степен на одговорност. Тие ги уживале сите привилегии, но целосно ја уништиле довербата на јавноста во институциите и власта создавајќи слика за себе како недопирливи. Граѓаните кои биле предмет на прислушкувањето се обесправени и изгубиле секаква доверба во функционирање на институциите“, рекоа судиите при читањето на пресудата.

Мијалков речиси два дена не беше достапен за полициските органи, откако во неделата не успеаа да го најдат во неговиот дом, а откако претходно беше донесена судска одлука да му биде одреден куќен притвор пред донесувањето на пресудата за случајот „Таргет-Тврдина“. Против него беше распишана национална и меѓународна потерница.

Меѓутоа, тој потоа сам се појави пред Обвинителството за организиран криминал каде што и го зеде решението за куќен притвор. Во изјава за телевизијата „24“, тој рече дека целото тоа време се наоѓал во изолација поради тоа што имал симптоми на коронавирус. Властите претходно објавија дека според нивните проценки и анализи сметаат дека Мијалков се уште бил во државата и не ја напуштил.

Неколку часови подоцна, на прес-конференција премиерот Зоран Заев рече дека Мијалков немал друг избор и дека го направил тоа што е неопходно, оценувајќи дека за ваквиот значаен успех, како што рече, придонес дале надлежните институции, обвинителството и судот.

Во случајот „Таргет-Тврдина“ покрај Мијалков, беа обвинети уште 11 лица, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска и уште десет други вработени во Управата.

По денешната донесена пресуда, следува процес каде осудените можат да ја обжалат пресудата.

Сашо Мијалков се појави во Обвинителството за организиран криминал