Поранешна сопруга доби финансиски надомест за домашната работа во петгодишниот брак

Кинескиот суд за разводи одлучи дека при процесот на развод, сопруг треба да исплати компензација од 7.700 долари на неговата поранешна сопруга поради домашната работа која таа ја сработила за време на нивниот петгодишен брак.

Според новиот граѓански закон кој стапи на сила минатиот месец во Кина, граѓаните можат да побараат парична компензација од нивните поранешни партнери во процесот на развод. Финансиската компензација претставува заработка од домашната работа како чувањето на децата или постарите родители, како и грижата за домот. Сумата на финансиската исплата е индивидуална за секој случај и може да биде договорена, а во случај кога нема простор за договор, судот ја одлучува висината.

Судот во Пекинг одлучи дека сопругот со презиме Ченг треба да ѝ  исплати надомест на неговата поранешна сопруга Венг, во висина од 50.000 јени бидејќи не и помагал со домашните обврски.

Ченг целосно ја препуштил грижата на децата на Венг и одел на работа, а како што таа кажала на судот „тој не се грижел за децата и не преземал никакви куќни обврски“.

Парот стапил во брак во 2015 година, но се разделил по три години. Нивниот син се преселил со таткото. Ченг го започнал процесот за развод минатата година, но неговата сопруга не се согласувала на таа одлука. Таа се согласила на развод малку подоцна и побарала поделба на имотот и финансиска компензација. Освен компензацијата, сопругата добила и старателство над синот, но и месечна алиментација од 2.000 јени.

Се верува дека ова е првиот случај во кој домашната работа е компензирана откако бил воведен граѓанскиот закон во Кина.

Судската одлука поттикнала јавна дебата на социјалните мрежи во Кина, а дискутирана била вредноста на домашната работа, која во хетеросексуалните врски и бракови, најчесто е задача на жената. Податоците на кинеското Национално биро за статистика покажале дека мажените жени трошат двојно повеќе време извршувајќи домашни обврски за разлика од мажите според истражување во 2016 година.

Повеќе од 427.000 илјади луѓе одговориле на јавната онлајн анкета објавена во кинески медиум за тоа дали компензацијата која што ја добила Венг била премалку, таман или премногу. Скоро 94 отсто од испитаниците одговориле дека сумата била во ред, но недоволна. Најчестите коментари на објавата биле дека сумата ја потценува тежината на работата која ја вршат домаќинките и мајките.

„Сите кои вршеле домашни обврски знаат дека домашната работа не е полесна од кариерната, туку баш напротив, таа е потешка“, гласел еден од бројните коментари.

Извор: Guardian