14-годишно момче за кое полицијата посочи дека било поранешен ученик во ОУ „Братство-Миѓени“ е осомничено дека ги испратило заканувачките електронски пораки на директорката и наставниците од ова училиште, што вчера предизвика вистинска паника во Тетово.
Како што информираа од СВР Тетово, засега не се знаат мотивите за испраќањето заканувачки пораки, но полицијата ќе разговара со момчето во присуство на неговите родители и претставници од Центарот за социјални работи. Во меѓувреме е запленет и компјутерот момчето.
Малолетникот вчера испрати електронска порака со идентична содржина која во исто време пристигнала на адресите на повеќе вработени од ОУ „Братство Миѓени“во Тетово. Е-мејлот бил со заканувачка содржина „Напуштете го објектот многу брзо, инаку ќе се случи нешто лошо“ по што случајот нешто по 12 часот веднаш бил пријавен во полиција, а учениците и наставниците беа евакуирани од училиштето.