Поранешен пратеник обвинет дека преку измама со патни трошоци земал над 100.000 евра

Основното јавно обвинителство – Скопје поднесе Обвинителен акт против поранешен пратеник во Собранието на Република Северна Македонија за кривично дело „Измама во службата“ бидејќи со приложување лажни фискални сметки од патарини, во период од пет години, незаконски му биле исплатени преку 100.000 евра од законодавниот дом по основ на патни трошоци.

Станува збор за предметот во јавноста познат како „Друмарина“ за кој истражната постапка претходно ја водеше Специјалното јавно обвинителство.

„Обвинетата во периодот од 01.01.2011 до 16.12.2015 година, како службено лице – пратеник во Собранието на Република Македонија, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, сторила повеќе временски поврзани дејствија што претставуваат повеќекратно остварување на исто дело, притоа искористувајќи ист траен однос и прилики. Имено, таа до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, како да остварила 904 патувања заради присуство на седници во наведениот период, со што го довела во заблуда овластеното лице во Собранието да изврши незаконита исплата на средства за патни трошоци во значителен вкупен износ од 6.458.551 денари. Од почетокот на 2011 година обвинетата имала сместување – станови во Скопје и не патувала за присуство на секоја седница на Собранието на релација од Струмица до Скопје и обратно, а лажните фискални сметки биле обезбедени од други лица кои патувале. Потоа обвинетата овие фискални сметки ги приложувала кон налозите за службени патувања.“, соопштија од Основното јавно обвинителство.

Според Кривичниот законик, за делото за кое е обвинет поранешниот пратеник се предвидува најмалку 3 години казна затвор.