Пораки за Меѓународниот ден на танцот – Радувајте се во чест на играта!

По повод Меѓународниот ден на танцот кој се одбележува на 29 април, Интернационалниот театарски институт (ИТИ) ги сподели македонската и светската порака за овој ден. Автор на македонската порака танчерот и кореофраф Игор Киров, додека на светската годинава честа му припадна на фламенко танчерот Исраел Галван.

Македонската порака на Игор Киров гласи:

„Далечната 1727 година, на 29 април се родил Жан Жорж Новер, и тогаш никој не можеше да претпостави дека неговиот роденден ќе стане светски ден посветен на танцот и играта. И овој 29 април ја дарува планетата со уште еден повод за славење на универзалниот и за сите препознатлив јазик на движењето на телото. Јазик кој ги искажува најтајните емоции и ги здружува сите бои со кои природата ги обдарила луѓето во виножитото; кое во својата прегратка ги соединува различностите создавајќи возвишена хармонија и неповторлива убавина. Играјте во чест на Терпсихора и радувајте се во чест на играта!“

Во продолжение ја пренесуваме и светската порака која преведена на македонски јазик ја објави Интернационалниот театарски институт (ИТИ).

„Кармен Амаја, Валеска Герт, Сузуши Ханајаги, Мајкл Џексон… сите нив можам да ги поистоветам со енергетско-генерирачки турбини, а тоа ме поттикнува да размислувам за важноста на кореографијата врз енергијата на танчерот/ката. Веројатно важноста и не се наоѓа во кореографијата како таква, туку во специфичноста на енергијата, односно вртлогот кој што истата го предизвикува.

Го замислувам навојот на Тесла, како ги привлекува сите нив, и емитира исцелувачки зрак, притоа причинувајќи метаморфоза на нивните тела. Па така, Пина Бауш се пројавува како богомолка, Рајмонд Хоџ се трансформира во бумбар, Висенте Ескудеро во стапчест инсект, а Брус Ли во стоногалка.

Моето прво дуо, го изведов со мојата мајка, која тогаш беше во седмиот месец на нејзината бременост, што можеби звучи невозможно. Иако речиси секогаш танцувам сам, не ретко се замислувам како сум во придружба на духови кои ме наведуваат да ја напуштам мојата улога на ’осамениот танчер‘. Зарем Диди-Хуберман не мислеше да зборува за солеарес (базична форма на фламенко музика и алузија на соло или сам) песни.

Кога бев мал не сакав танцување. Понатаму во животот, танцувањето излезе од мене лесно и природно, речиси инстинктивно. Како што времето поминуваше сфатив дека танцувањето исцелува, дека танцувањето има речиси медицински ефект. Танцот ми помогна да ја трансформирам мојата интровертност, отворајќи ме кон други луѓе. Низ ум ми поминува сликата на дете болно од ебола, кое се лекува танцувајќи. Можеби звучи суеверно, но се ми се чини возможно, не?

Подоцна во животот, танцот ми стана опсесија со која го исполнував моето време. Опсесија која ме поттикнува да танцувам дури и кога сум мирен и неподвижен, а со тоа ме одделува од реалноста на нештата. Знам дека ова не е добро, или лошо, или нужно, но… едноставно е. Додека седам на каучот, мислејќи за моите работи низ тивко мрморење, мојата ќерка Милена извикува: тато, не танцувај!

Гледам луѓе кои се движат надолу по улицата, кога викаат такси, кога се движат на нивни посебни начини, во различни стилови, и специфични деформитети. Тоа е сѐ танцување! Сите тие танцуваат! Тие тоа не го знаат, но сите тие танцуваат! Би сакал да им довикнам: има луѓе кои сѐ уште не знаат! Сите ние танцуваме! Оние кои не танцуваат се несреќни, сите тие се мртви, тие не страдаат, а со тоа и воопшто не чувствуваат!

Го сакам зборот фузија, но не како маркетинг термин, односно конфузија да се продава одреден стил, бренд. Кога ќе рамислам, можеби фисија е подобро, анатомска мешавина, коктел, со нозете на Хуан Белмонте фиксирани на земја, крилатите раце на Исадора Данкан и полу-разнишаното стомаче на Џеф Коен во Гунис. Со сите овие состојки може да се направи пријатен и интензивен пијалок, кој е вкусен или горчлив, или кој удира во глава. Смесата е нашата традиција, сите ние доаѓаме од коктел, каде ортодоксните сакаат да го сокријат својот таен рецепт. Но не, раси и религии и политички убедувања, сѐ се меша! Сите можат да танцуваат заедно! Можеби без да се држат еден со друг, но сигурно, еден покрај друг!

Една стара кинеска поговорка вели: ’треперењето на крилата од пеперутка може да се почувствува насекаде низ светот‘. Кога мува полетува во Јапонија, тајфун ги размрдува водите на Карибите. Педро Г. Ромеро, по исцрпувачки севилјски танц изјавува: истиот ден кога бомбата падна во Хирошима, Нижински го повтори својот прославен скок во шума во Австрија. Па така, јас продолжив да замислувам: како камшик на Савион Гловер го врти Михаил Баришников. Во тој момент Казуо Оно не помрднувајќи активира некаков електрицитет кај Марија Муњоз, која рамислува за Вонрад Веид и прави да Акрам Кан направи земјотрес во соблекувалната, кога со помрднување на тропалките го покриваат подот со уморните капки на нивната пот.

Би сакал да го посветам Интернационалниот ден на танцот, заедно со овие зборови на сите оние кои во моментов танцуваат. Но, дозволете ми да пожелам уште нешто: Танчер(к)и, музичар(к)и, продуцент(к)и, критичар(к)и, агент(к)и, ајде да се забавуваме, ајде сите да танцуваме, како што Бежар го прави тоа, ајде да танцуваме со стил, ајде да го танцуваме Болерото на Равел, ајде заедно да танцуваме!“, порачува шпанскиот фламенко танчер Исраел Галван по повод Светскиот ден на танцот – 29 април 2015 година.