Пораки на студентите до СПУКМ од Водно: Будни ли сте?

На денешната традиционална студентска планирана тура на Водно, студентите беа пречекани со пораките „Добро утро студенти. Будни ли сте?“, „СПУКМ остани на Водно“ и „СПУКМ ние сме вашиот крај“ зад кои стојат студентите од иницијативата Студентски пленум.

„Додека повеќето од нас беа под топлите прекривки, Студентскиот пленум изведе една мала, но мошне значајна акција. На Студентската Планинарска Тура, го пречекавме СПУКМ“, пишува во објавата на нивната фб-страница.

Тие додаваат дека Студентскиот пленум нема да престане со своите активности. Воедно, синоќа се одржа третата средба меѓу студентите на која се зборуваше за најавата на Министерството за образование да воведе екстерно тестирање во високото образование.

Студентите со пораки до СПУКМ од Водно: Будни ли сте?

Дискусијата на студентите се задржа на две главни теми: кои треба да бидат очекувањата на студентите од студентскиот парламент на УКИМ во однос екстерното тестирање, како и кои активности треба и може да се организираат за Меѓународниот ден на студентите, 17 ноември.

За разлика од претходните две средби, на третиот Студентски пленум, поголем дел од присутните јавно проговорија за своите проблеми, како за екстерното, така и за останатите студентски предизвици со кои тие секојдневно се соочуваат.

Студентите со пораки до СПУКМ од Водно: Будни ли сте?

Турата се организираше по повод 13 ноември – Денот на ослободувањето на град Скопје на којашто задолжително присуство имаа студентите од прва година, но можеа да се приклучат и студентите од повисоките години. Покровител на планинарската тура беше ректорот на УКИМ проф. д-р Велимир Стојковски.