Порака од младинската група на ХЕРА по повод Светскиот ден на здравјето

Младите не можат да го унапредат своето здравје, ако немаат соодветни, научно потврдени, релевантни информации а во Македонија младите немаат доволно релевантни податоци за сексуалното и репродуктивното здравје, гласи пораката на младинската група на ХЕРА по повод Светскиот ден на здравјето.

Порака од младинската група на ХЕРА по повод Светскиот ден на здравјето

Истражувањата на ХЕРА и информациите што волонтерите во младинската група на ХЕРА ги добиваат од теренот, укажуваат дека младите денес имаат влошено сексуално и репродуктивно здравје. Стратешка цел на младинската група на ХЕРА е сите адолесценти и млади се свесни за нивните сексуални и репродуктивни права што им овозможува да донесуваат слободни и информирани одлуки и активно остварување на овие права.

На глобално ниво, во Програмата за акција на Меѓународната конференција за население и развој ставен е фокусот на младите, ставен е фокусот на сексуалното и репродуктивното здравје и права. На национално ниво, државата има донесено неколку стратешки документи со кои се обврзува за го унапреди сексуалното и репродуктивното здравје на младите, како што се:  Националната Стратегија за ХИВ/СИДА (2007 – 2011), Националната Стратегија за млади (2005 – 2015) и Националната стратегија за адолесцентно здравје и развој (2008 – 2015)

Главна цел на Националната стратегија за сексуално и репродуктивно здавје е до 2020 година сите граѓани во Македонија да имаат подобро сексуално и репродуктивно здравје. Затоа, младинската група група на ХЕРА ги повикува институциите и сите релевантни фактори во државата за доследно спроведување на сите политики кои се во насока на подобрување на младинското здравје.

На Светскиот Ден на Здравјето, младинската група на ХЕРА потсетува на:

– итноста и неопходноста од воведување на сеопфатно сексуално образование како редовен предмет во училиштата, како платформа која го обединува концептот за сексуалното и репродуктивното здравје и права и која им нуди на младите соодветни, релевантни и научно потврдени информации и промовира позитивен пристап кон сексуалноста и здрави животни навики.

– потребата од воведување на минимум еден контрецептив на листата за позитивни лекови, бидејќи цената претставува еден од најважните фактори којa влијае на употребата на контрацепција. Исто така, упатуваме повик до сите млади, да се борат за своите секуални и репродуктивни права, како начин да го унапредат своето сексуално и репродуктивно здравје, бидејќи правата им следуваат.

Правото на здравје е универзално човеково право. Според дефиницијата на Светската Здравствена Организација, здравјето претставува состојба на целосна психичка, физичка и социјална благосостојба. Сексуалното и репродуктивното здравје претставува важен сегмент на здравјето, особено за младите.