Поради загадувањето, Град Скопје препорачува да се користи автобус и да не се излегува долго на отворено

По соопштението на Министерството за животна средина за надминување на Прагот на информирање, каде вредноста на ПМ10 честичките во воздухот над 100 µg/m3 во текот на два последователни дена на минимум две мерни станици, Град Скопје објави неколку препораки до граѓаните.

Градските власти препорачувааТ да се избегнува користењето на возила, колку што е можно, а ако се користат возила, повеќе лица да се организираат да се возат во едно возило. Да се користи јавниот превоз, а рано наутро и навечер да се избегнува долготрајна изложеност на отворено.

„За затоплување на домовите да не се користат отпадни материјали, прегорено машинско масло, лакирани и обоени отпадоци од дрво, стиропор, ПЕТ амбалажа, гуми и каков било синтетички материјал. Да се користи суво и чисто дрво без примеси од земја и од отпадоци. Печките на дрво да се користат и одржуваат според упатствата на производителот. Редовно да се чистат оџаците. Да се одложат сите активности на отворено. Да се почитува забраната за дотур на роба во централното градско подрачје во периодот согласно со издадените одобренија од Градот Скопје“, соопштуваат власите од Скопје.

Овие препораки градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов ги објавува согласно Уредбата за гранични вредности за нивоа и видови на загадувачки супстанции во амбиентниот воздух и прагови на алармирање, во која е дефиниран Прагот на информирање за ПМ 10 честичките.