Поради снимање на филмот „Хомо“ во недела ќе биде затворен скопски булевар

Во недела, на булеварот Видео Смилевски – Бато во периодот од 10 до 17 часот сообраќајот ќе се одвива со посебен режим и ќе биде стопиран и пренесочуван кон околните улици со повремени пропуштања на возилата бидејќи ќе се снима филм.

Како што соопшти продукцијата „Скопје филм студио“, се работи за снимање на долгометражниот игран филм со работен наслов „Хомо“ во режија на Игор Иванов.

„Ја известуваме јавноста дека во сцената која ќе се снима на оваа локација ќе се употребат специјални филмски ефекти со кои ќе биде симулирана експлозија на рачна бомба“, велат од продукцијата.

Тие ги замолуваат граѓаните да ја избегнуваат оваа улица во наведениот период. Филмот е поддржан од страна на Агенцијата за филм на Република Македонија, како проект од национален интерс од филмската дејност.