Поради снимање на филмот „Хомо“, викендот ќе бидат затворени неколку скопски улици

Продукцијата „Скопје Филм Студио“ ја известува јавноста дека во периодов се работи на снимањето на новиот долгометражен игран филм на Игор Иванов – Изи, кој има работен наслов „Хомо“. Филмот ќе се снима на повеќе локации низ Град Скопје.

„’Скопје Филм Студио’ ве известува дека, во координација со Надлежните институции, за потребите за снимање на филмот, на ден 30.03.2019 година (сабота), во период од 6 до 18 часот,  улицата ‘Васил Главинов во правец’ од улицата ‘Димитрија Чуповски’ кон булеварот ‘Партизански одреди’ ќе биде затворена за сообраќај“, соопштува продукцијата.

Исто така, на ден 31.03.2019 година (недела), во период од 6 до 18 часот, улицата „Самоилова“ кај вкрстувањето со надвозникот кој поминува над булеварот „Гоце Делчев“ ќе биде затворена за сообраќај. Сообраќајот ќе биде стопиран, а возилата ќе coобраќаат со изменет режим – пренасочување кон околните улици, со повремени пропуштања.

Инаку, „Хомо“ е по сценарио на Игор Иванов – Изи и Сашо Кокаланов, а продукцијата е на „Скопје филм студио“ и продуцентот Томи Салковски. Српоред првичните најави, снимањето ќе трае пет недели на повеќе од 20 локации низ Скопје. Се работи за скопски филм, за нашата генерацијата и времето во кое живееме, а е приказ на апсурдот на судбината, претставен низ уникатните животни приказни на 6 главни ликови.