Поради реконструкција на улица, во Охрид ќе се отстранува дрворед од над 30 дрвја

Дрворедот од 37 дрвја на улицата „Јане Сандански“ во Охрид, од утре, 1 март ќе почне да се отстранува поради комплетна реконструкција на улицата и промена на водоводната азбестна линија, од кружниот тек на булеварот „Туристичка“ до кружниот тек кај Болничкиот комплекс.

Од Општина Охрид пред два дена ја известија јавноста за ваквата активност, односно дека дрворедот на улицата ќе се отстранува и упатија апел до учесниците во сообраќајот да ги отстранат паркираните моторни возила и да не паркираат на оваа улица.

фото: Радио МОФ

Од еколошката иницијатива „Охрид СОС“ велат дека ваквите одлуки се носат без никаква консултација со јавноста.

„На ниеден начин охриѓани не се вклучени во процесот и транспарентно информирани за плановите за да може да дадат свој коментар или забелешки. Во Архуската конвенција чијшто потписник е и Македонија, јасно се утврдени правата поврзани со одлуки кои ја засегаат животната средина: процес на сеопфатна консултација е задолжителен, транспарентна комуникација со граѓаните е задолжителна ако сакаме навистина да бидеме земја која ги почитува демократските начела и која го штити владеењето на правото“, стои во соопштението на „Охрид СОС“.

Дополнително, тие посочуваат дека „јавноста е ставена пред свршен чин“, потенцирајќи дека општината објавила за реконструкцијата неколку дена пред изведување на градежните активности.

ДЕСТРУКЦИЈА ЗА РЕКОНСТРУКЦИЈА

Општина Охрид за утре најави СЕЧЕЊЕ НА ЦЕЛИОТ ДРВОРЕД долж улицата „Јане Сандански“…

Posted by Охрид SOS on Sunday, February 28, 2021

„Општината не понудила ни идејно решение, ни визуелизација. Јавноста не знае што освен ‘промена на водоводната азбестна линија’ ќе значи таа реконструкција. Дали ќе има дрворед од двете страни на улицата, како некогаш? Какви садници ќе ги заменат овие дрвја кои се сега? Дали воопшто ќе се засадат дрвја? Зошто има потреба од отстранување на дрвјата? Дали ќе има велосипедска патека од двете страни, како на другите улици или повторно ќе се паркираат возила на едната страна? Иако општината се фали дека била најтранспарентна во југозападниот регион, според делата воопшто не делува како таква“, велат од „Охрид СОС“

„Пандемијата требаше да нè научи дека себичното и агресивно експлоатирање на природата на крај доведува до уништување на човекот. Но, не може да очекуваме дека тие лекции ќе ги научат моќници што профитот го ставаат пред здравјето на сите нас“, додаваат оттаму.

Оттука тие бараат веднаш да се повлече одлуката за сечењето на дрворедот, општината да го објави целосниот проект за реконструкцијата на улицата, но и како што велат, бараат „еднаш засекогаш да запре уништувањето замаскирано како некаква реконструкција и ‘во согласност со закон’“.