Поради пропуст во „Ватс Ап“ хакери можеле да шпионираат пораки на корисниците

Една од најпопуларните апликации за комуницирање, „ВатсАп“ веројатно била цел на хакерски напад. Минатиов месец од компанијата откриле пропуст во платформата, преку кој постоела можност да се инсталира шпионски софтвер за следење на корисниците.

„ВатсАп“ веќе објави надградба на апликацијата со која се решава проблемот и ги повика сите корисници да ја апдејтираат апликацијата, но од компанијата соопштиле дека хакерскиот напад бил насочен кон „одреден број“ корисници и дека бил оркестриран од „напреден сајбер субјект“.

Нападот, според Фајненшл Тајмс, бил развиен од израелската компанија за безбедност „НСО Група“. „ВатсАп“ се промовира како апликација за безбедна комуникација поради енкрипцијата на пораките меѓу корисниците, но шпионскиот софтвер би овозможил на напаѓачите да ги читаат пораките на корисничките уреди.