Поради напукната брана итно евакуирани стотици илјади луѓе во Калифорнија

Повеќе од 180 илјади луѓе од северна Калифорнија добија барање да ги евакуираат своите домови, откако попуштила највисоката американска брана поради преполнување на вештачко езеро по силен дожд.

Евакуацијата следува откако властите соопштиле дека помошниот прелив на 230-метарската брана на Езерото Оровил бил многу блиску до попуштање. Претходно службите забележале дека недостасуваат големи бетонски делови од главниот прелив на браната.

Нивото на водата во вештачкото езеро пораснало по силен дожд и снег, по долгогодишна суша. Ова е прв пат Езерото Оровил да се најде во ваква вонредна ситуација во 50-годишната историја на браната.

Претходно во недела, Службата за водени ресурси на Калифорнија соопшти дека испушта по скоро 3000 кубни метри вода во секунда од главниот прелив на браната за да го исцрпи езерото.

Во предупредување на социјалните мрежи, шерифот од околината на браната на Езерото Оровил нареди евакуација, истовремено три пати повторувајќи „Ова не е вежба“.

На жителите на Оровил, градче од 16 илјади жители 100-тина километри оддалечени од Сакраменто, им беше кажано да се движат на север.

Во петокот, Гувернерот на Калифорнија Џери Браун, побара од Федералната агенција за управување со кризи да прогласи „состојба на голема катастрофа“ поради поплавите и лизгањата на земјиште предизвикани од невремето.