Поради нагло воведениот полициски час турски министер поднесе оставка, претседателот Ердоган ја одби

Турскиот министер за внатрешни работи Сулејман Сојлу вчера поднесе оставка по критиките поради нагло воведениот полициски час за време на викендот кој изненади милиони луѓе, пишува хрватски „Индекс“. Сојлу во соопштението напиша дека презема потполна одговорност за полицискиот час воведен во петокот во 31 турска провинција.

„Нека ми прости мојата нација, на која никогаш не сакав да и наштетам, и нашиот претседател, на кој ќе му бидам верен целиот живот. Ја напуштам функцијата министер за внатрешни работи која имав чест да ја вршам“, напишал Сојлу.

Меѓутоа, турското претседателство соопштија дека претседателот Реџеп Таип Ердоган не ја прифатил оставката, јаува „Ал Џазира“, и додаваат дека доколку оставката беше прифатена од Ердоган, Сојлу ќе беше вториот турски министер што ја напуштил функцијата, откако е прогласена пандемијата на коронавирусот.

Во петокот беше објавено за полицискиот час во Турција, со почеток од полноќ па се до недела на полноќ. Меѓутоа, за забраната за напуштање на домовите беше објавено два часа пред да стапи на сила, предизвикувајќи илјадници луѓе да брзаат во продавниците, игнорирајќи ги другите мерки против ширење на вирусот.

Опозицијата ја критикуваше владата поради оваа ненадејна одлука која довела до уште поголема забуна меѓу граѓаните. Сојлу претходно призна дека не го предвидел паничното купување производи во маркетите, но додаде дека не верува оти толпите во продавниците во петокот вечерта биле проблем.

Досега во Турција се регистрирани речиси 57 илјади случаи на коронавирус.