Поради критики на јавноста било повлечено видеото што вчера го објави министерот Филипче

Синоќа, на официјалните страници на социјалните мрежи на министерот за здравство Венко Филипче беше објавено видео на кое папагали повторуваат „Оставка“, додека се појавуваат  фотографии од статии со изјави од членот на Извршниот комитет на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, инфектологот Вело Марковски. Истовремено, во видеото се појавуваат фотографии од собири на членови на најголемата опозициска партија каде не се носат маски.

Само што почна да се шири и коментира видеото, кое од Минстерството за здравство го претставија како пародија, тоа беше острането од профилите на министерот Филипче.

Од неговиот кабинет, за Радио МОФ појаснуваат дека одлучиле да го отстранат поради дел од коментарите на граѓаните кои сметале дека содржината е несоодветна.

„Видеото кое беше објавено на социјалните мрежи на Министерот за здравство, Филипче е пародија на неоснованите критики на опозицијата кон неговата работа како Министер за здравство во време на светска пандемија. Сепак заради дел од коментарите на граѓаните кои сметаа дека содржината е несоодветна, со сета почит кон нив, видеото е повлечено. Но, неговиот став кон неконструктивната критика од опозицијата за неговата работа и работата на Комисијата за здравство останува. Во вакви услови, без разлика на политичката опција, секој има одговорност“, одговорија од МЗ.

Видеото беше повлечено после нецел час од објавувањето. Сепак, Радио МОФ остана без одговор на прашањето кој бил креаторот на повлеченото видео.

М.К.