Поради коронавирусот, патниците на „Визер“ од Милано и Венеција ќе мора да дадат локација на престој во земјава

Патниците кои патуваат со авионите на „Визер“ од Милано и Венеција, од скопскиот и охридскиот аеродром ќе треба да пополнат здравствена карта во која ќе остават адреса на престојување, за полесно да се лоцираат ако се детектира појава на новиот короновирус.

Ова го соопшти министерот за здравство Венко Филипче, на редовната пресконференција за коронавирусот, најавувајќи го како нова мерка на сузбивање на ширењето на новиот коронавирус.

„Се одлучивме за уште еден чекор, за подигнување на контролата на уште повисоко ниво. А тоа значи дека на патниците со авионите на „Wizz Air“ од Милано и Венеција на скопскиот и охридскиот аеродром ќе треба да пополнат здравствен локатор, карта. Ова ќе овозможи добра контрола и следливост на патниците. Тие ќе остават податоци за тоа на која адреса престојуваат и доколку во некое сценарио се јави некој патник, после одреден број денови со симптоми многу лесно е да ги најдеме сопатниците, особено сопатниците коишто седат согласно препораките и алгоритмите неколку реда зад и пред тој патник во авионот“, потенцираше министерот Филипче.

Нови заболени во земјава нема, а единствената пациентка е во добра здравствена состојба, информираше министерот.

Нови земји во коишто е проширен вирусот се Андора, Латвија и Португалија. Во Србија, Косово и Албанија нема регистрирани пациенти. Утрово, грчкиот министер за здравство го информираше министерот Филипче дека има уште еден пациент заболен од корона вирус во Грција. Сега се вкупно 8, од кои 4 се во Солун, 4 во Атина.  Во европскиот регион досега се регистрирани вкупно 3.365 пациенти заболени од новиот коронавирус.