Поради грешка на Фејсбук приватните објави на 14 милиони корисници станале јавни

Софтверска грешка, која била активна една недела во мај, веројатно била причината што некои приватни пораки станале јавни, објави Фејсбук.

Компанијата верува дека со овој проблем биле зафатени околу 14 милиони корисници во периодот од 18 до 27 мај.

Објавите на корисниците на социјалната мрежа вообичаено се презентираат според однапред определени уредувања за приватноста, сепак софтверската грешка веројатно ги променила уредувањата во „јавни“ објави.

Од компанијата велат дека проблемот е решен и дека платформата ја вратиле на преферираните уредувања на корисниците. Фејсбук сега работи на известување на сите 14 милиони корисници, кои можеби биле опфатени со проблемот, преку известување на нивните профили.

„Од денес ги известуваме сите засегнати и бараме од нив да ги прегледаат своите објави кои ги направиле во тој период“, се наведува во соопштението на службеникот за приватност Ерин Еган.

Овој проблем се надоврзува на скандалот со компанијата за политички консалтинг „Кембриџ Аналитика“, која добила податоци за околу 87 милиони корисници на Фејсбук без нивна согласност.