Пописот ќе се спроведе во април 2020 година со лаптопи наместо со хартиени прашалници

Пописот на населението во Република Македонија ќе се спроведува од 1 до 21 април 2020 година, најавува директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски во интервју за МИА.

Тој додава дека за потребите на оваа статистичка операција ќе бидат ангажирани околу 5.000 попишувачи, а овој пат ќе се користи комбиниран метод што подразбира покрај корисење податоци на терен, и податоци од регистри. Според проценките пописот ќе чини 8,5 милиони евра.

Во интервјуто Симовски изразува жалење за неуспешниот попис во 2011 година, додавајќи дека тоа е товар кој ќе го носат како институција.

„Се надевам дека со спроведување на новиот попис ќе успееме да докажеме дека, сепак, сме кадарна институција да направиме едно вакво статистичко истражување и дека најмалку до нас била причината за неспроведување на пописот, иако како институција имаме голема заслуга за тоа што не се спровел. Таа вина мораме да си ја признаеме. Таа вина беше поради тоа што дозволивме или ги отворивме ширум портите за влегување на политиката во пописот. Тоа е нешто што не смееме да си го дозволиме, барем додека сум јас тука и тврдам дека тоа нема да се случи“, вели Симовски за МИА.

Новина покрај комбинираното прибирање на податоците, во пописот ќе биде и тоа што нема да се користат хартиени прашалници, туку пописот на терен ќе се спроведува со користење лап-топ, со што конечните резултати би се добиле за многу пократко време.