Поп музика во Русија наменета да ги исмее младите активисти

Во контролираниот медиумски простор во Русија, Јутјуб стана важна алатка за опозицискиот лидер Алексеј Навални, кој преку оваа платформа ги објавуваше своите обвиненија за корупција на истакнати личности од власта.

Но, многумина сметаат, пишува ББЦ, дека во последниот период зад некои од поп-музичките видеа кои се појавуваат на платформата, недвосмислено стојат руските власти.

Јутјуб е многу користен и кај младите во Русија, кои беа најголеми приврзаници на масовните анти-владини протести во март.

Музичко видео, прикачено оваа недела од пејачката Алиса Вокс, ја прикажува како позира во улока на наставничка и држи предавање на тинејџер кој отишол на протест со транспарент „не помалку од четири правописни грешки“.

Таа ги охрабрува младите да водат помалку антидржавнички живот, ветувајќи „слобода, пари и девојки – дури и власт“ како награда. „Никогаш не е доцна да научиш од грешките. Ако твоето срце сака промени, момче, тогаш почни од себе“, гласи рефренот на песната.

Видеото на Вокс доаѓа по претходен сличен музички спот на раперот Птака, кој исмева млад демонстратор затоа што е „богато детиште качено на канделабра“ – повикувајќи се на широко споделуваната слика на демонстранти кои се качуваат на уличното осветлување од протестите во март.

Лево е сцена од спотот, а десно фотографија од протестите во март (ФОТО: АФП)

Навални изјавил дека видеата се дел од поширока пропагандна кампања на властите насочена кон него и поширокото протестно движење. Додека еден колумнист го нарече ненадејното  свртување на Вокс кон политички теми: „политичка инструкција од Кремлин во форма на рима“.

Самата Вокс не изгледала премногу задоволна да зборува за нејзиниот производ, изјавувајќи за независниот вебсајт „Медуза“ во интервју дека прашањата за песната се „фрустрирачки“ и дека „ќе паузира од појавувањето во медиумите“.

Најголемиот дел од реакциите на видеата биле негативни, додека поранешен член на бендот на Вокс за видеото коментирал: „Не, децата не се глупави“.