Поништени изборите за градоначалник на Истанбул во кои победи кандидатот на опозицијата

Турската Врховна изборна комисија одлучи да се повтори гласањето за градоначалник на Истанбул, откако на изборите на 31 март со тесна битка победи Екрем Имамоглу од Републиканската народна партија. Ова предизвика револт и несогласување меѓу граѓаните кои излегоа на улица да протестираат.

Партијата на претседателот Реџеп Тајип Ердоган поднесе предлог до изборната комисија на 16 април за поништување на изборите, наведувајќи дека имало неправилности. Приговорот, исто така, тврди дека маргината од 15.000 гласови во еден голем град како Истанбул е премногу мала за да биде фер.

Според турските медиуми, причината за новото гласање е тоа што дел од граѓаните поставени на гласачките кутии не биле официјални државни службеници и дека некои ливчиња не биле потпишани.

Претходно, изборната комисија соопшти дека Имамоглу е победникот на трката за градоначалник во родниот град на Ердоган.

Имамоглу рече дека „ја осудува одлуката“ на изборната комисија, велејќи им на своите поддржувачи дека „победил со потта на милиони луѓе”.

„Тие се обидуваат да ги вратат изборите што ги освоивме. Можеби сте вознемирени, но никогаш немојте да ја изгубите надежта”, рече тој.

Портпаролот на Републиканската народна партија рече дека овој потег не е ниту легитимен ниту демократски, нарекувајќи го „обична диктатура” од страна на Ердоган и Партијата за правдата и развојот.

„Незаконски е да се победи против Партијата за правдата и развојот”, напиша на Твитер заменик-претседателот на опозициската партија, Онурсал Адигузел.

Протестите во Истанбул се одржаа во областите Бешикташ, Кадикој и Шишли.

Европската унија ја повика Турција да даде оправдување за одлуката.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Федерика Могерини, рече дека „оправданоста за оваа одлука, донесена во високо политизиран контекст, треба да биде достапна за јавен надзор без одлагање … Обезбедување на слободен, фер и транспарентен изборен процес е од суштинско значење за секоја демократија и е во центарот на односите на Европската унија со Турција”.

Шефот на Советот на Европа, Торбјорн Јагланд, рече дека прегласувањето на изборите „има потенцијал сериозно да ја оштети довербата на турските гласачи во изборните органи.”

Иако партијата на Ердоган победи на мнозинството гласачки места за време на локалните избори во земјата, ги загуби клучните лидерски позиции во градовите Истанбул и главниот град Анкара.

Новото гласање е закажано за 23 јуни.