Помина времето на преговори – граѓаните бараат итни мерки за аерозагадувањето

Жителите на градовите во Македонија дишат најзагаден воздух во Европа, покажа последниот извештај на Светската здравствена организација, презентиран на првата конференција за аерозагадување во Женеа.

Државата се најде на врвот на листата со воздух кој има највисоки дневни и годишни концентрации на ПМ10 и ПМ2,5 честички. Според истиот извештај на ЕУ за квалитетот на воздухот во Европа од 2018 година, ПМ2,5 честичките се виновни и за 3.000 прерани смртни случаи годишно во Македонија.

Според невладината „Еко-свест“, ситуацијата е повеќе од алармантна. Тие бараат итно спроведување на мерки насочени кон трајно справување со овој проблем. 

„Како граѓанска организација која веќе 16 години работи во секторот животна средина во земјата и лично како жители на град Скопје, за нас овие бројки се трагични. Сметаме дека повеќе нема време да зборуваме и преговараме за какви и кои мерки би се преземале за да почнеме да ја менуваме оваа, која за властите се чини безизлезна ситуација“, се вели во апелот на „Еко-свест“.

Тие бараат од надлежните институции, здравјето на граѓаните да биде ставено највисоко на листата на приоритети кога се носат стратешки и плански документи како и закони и подзаконски акти.

„Еко-свест“ покрена и онлајн петиција, а собраните потписи ќе бидат доставени до Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Со неа, тие ги бараат следните мерки:

  1. Донесување на закон на ниво на Град Скопје со кој се забранува употребата на јаглен за загревање во домаќинствата
  2. Ограничување на движењето на возила во централното градско подрачје (комплетно или делумно) и нов зимски сообраќаен режим за градот
  3. Намалување на данокот на додадена вредност за топлинска енергија со што цената за централно греење значително би паднала и корисниците би се стимулирале да се вратат на мрежата.
  4. Стимулирање на приклучување на зградите (нови и стари) кон централното градско греење преку делумно ослободување од трошоците за приклучокот
  5. Подобрување и зголемување на јавниот транспорт во градот, воведување на нови ефикасни линии
  6. Стимулации за вработените во институциите и компаниите за здружено користење на возила или користење велосипед/ одење пеш до работното место.
  7. Ограничување на градежните активности и индустријата (времено во зимскиот период)
  8. Строго санкционирање на палењето на диви депонии и жетвени остатоци
  9. Отворање на фонд за животна средина
  10. Отворање на фонд за енергетска ефикасност за граѓаните

Во 2010 градот Скопје стана дел од сојузот на градоначалници за енергија и клима на ЕУ со кој вети дека ќе ги намали емисиите на CO2 на град Скопје за 21%. Во 2017 Македонија го ратификуваше и Парискиот договор и превзема обврски за намалување на гасовите кои ги предизвикуваат климатските промени, а многу од нив се и причина за аерозагадувањето.

Во последните неколку дена, пак, граѓаните се мобилизираат на социјалните мрежи и даваат предлози за решавање на аерозагадувањето, користејќи го #СкопјеДише.