Полуматурантите во Словенија нема да полагаат државен испит – матурата засега е одложена

Оваа година за прв пат откако е воведен пред 20 години, полуматурантите нема да го полагаат државниот испит, соопшти министерката за образование Симона Кустец.

Одлуката се носи по прекинот на образовниот процес предизвикан од епидемијата на коронавирусот Ковид-19.

,,Сите испити кои веќе се подготвени, ќе бидат електронски достапни на Националниот испитен центар. Учениците и наставниците ќе може да ги користат како дополнителен материјал во комплетирањето на знаењето или училишната година, ако сакаат”, изјави Кустец.

Матурата, пак, засега е одложена за еден месец, па наместо на 5 мај, ќе се одржи на 1 јуни за писмениот и 14 јуни за усниот дел.

Повеќе од четири недели образовниот процес во Словенија продолжи онлајн, во домашни услови.