Полски европратеник: Жените треба да бидат помалку платени бидејќи се помали, послаби и помалку паметни

Десничарски политичар предизвика жестока реакција откако рече дека жените треба да заработуваат помалку пари отколку мажите, бидејќи тие се „послаби, помали и помалку интелигентни”.

Полскиот пратеник Јануш Корвин-Мике, кој во неколку наврати предизвикува полемика со своите мислења, говореше пред речиси празен Европски парламент за време на дебатата за родовата разлика во платите.

Тој својот говор го започна со објаснување дека нема ниту една жена рангирана во првите 800 на Олимпијада по физика во Полска. 74-годишниот додаде дека жена нема ниту во топ 100 светски шахисти.

„Се разбира дека жените мора да заработуваат помалку од мажите, бидејќи тие се послаби, тие се помали, тие се помалку интелигентни, тие мора да заработуваат помалку, тоа е се”, рече Корвин-Мике.

Шпанската социјалистичка пратеничка Ираче Гарсија Перез на ова одговори: „Според она што Вие го зборувате и вашата теорија, јас не би имала право да сум тука како член на Парламентот“.

„Знам дека сте многу вознемирени и многу загрижени поради фактот што жените можат да ги претставуваат граѓаните на еднакво рамниште со вас. Мислам дека треба да ги бранам европските жени од луѓе како вас“, рече таа.

Корвин-Мике, креаторот на Коалицијата за обнова на Републиката – Слобода и надеж, кој е роден во времето на нацистичката окупација во Варшава,  претходно со погрдни зборови ги нарекол луѓето од црната раса. Тој има изјавено и дека ставовите на жените се под влијание на мажите со кои спијат, бидејќи спермата навлегувала во нивното ткиво. Покрај ова, полскиот пратеник бил казнет за користење на расистички јазик за време на дебата.

„Претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани започна истрага која може да резултира со санкции против полскиот пратеник Јануш Корвин-Мике за сексистичките забелешки за време на пленарната седница во средата”, изјави портпаролот на Европскиот парламент.

„Казните се движат од опомена, до парична казна и привремена суспензија”, посочи тој.

Лондонскиот европратеник од трудовата партија, Себ Данс, кој минатиот месец држеше знак обвинувајќи го Најџел Фараж дека е лажго, изјави: „Постулатите на слободата на говорот и парламентарните привилегии се важни, но исто така е и почитувањето на правото секој да се третира подеднакво. Тој (Корвин-Мике) ја поткопа вредноста и значењето на неговите колешки поради нивниот пол, потценувајќи ги не само нив, но и себе. Тој премина линија и мора да го изгуби правото да биде сфаќан сериозно за нешто“.

„Премногу често, националисти и екстремисти се кријат зад слободата на говорот кога ја исфрлаат нивната омраза. Тие мора да сносат одговорност и мора да има последици“, подвлече Данс.