Полската влада нема да ја одобри комплетната забрана на абортус после масовните протести

Предложената целосна забрана за абортус во Полска нема да биде воведена, изјави претставник на владата, опишувајќи ги протестите против забраната како „лекција за скромност“ за власта на државата.

Јарослав Говин, министер за наука и високо образование на Полска, изјави дека протестите на кои се појавија илјадници жени „предизвикале да размислуваат и ги научиле да бидат скромни“.

Коментарите индицираат дека полската конзервативна власт ќе го повлече предлогот за забрана на абортус дури и во случаи на силување, инцест или ставање на животот на мајката во ризик.

Десничарката влада, водена од Партијата за право и правда, беше под меѓународен притисок да не продолжи со планот. За денес беше закажана и дебата во Европскиот парламент за ситуацијата на жените во Полска.

Полска веќе го забранува абортусот, а исклучоци се прават единствено за силување, инцест, многу оштетени фетуси или доколку животот на мајката е во ризик. Сепак, докторите понекогаш одбиваат да извршат абортус поради „морални причини“.

Полјачките вообичаено патуваат во Германија или други соседни земји за да направат зафат,или нарачуваат апчиња за хемиски абортус на интернет.

Спикерот на Сенатот на Полска, Станислав Карчевски, вели дека Горниот дом нема да преземе иницијатива за понатамошни предлог-закони кои би вовеле нови рестрикции за абортус во Полска.

Карчевски вели дека сенаторите треба да видат што помоќниот, Долен дом на Парламентот ќе направи. Сепак, тој поддржува забрана за абортус на фетуси со Даунов синдром, нешто што е моментално дозволено.

„Тоа се прекрасни деца, сакани од нивните родители, кои носат многу топлина и љубов во својот дом. Јас сум многу голем противник на убивање на тие деца“, вели Карчевски.