Полската влада го ограничи пристапот на жените до контрацептивни пилули

Владата на Полска е обвинета за „сексуална контра-револуција“, спротивна на европските вредности, откако усвои закон со кој го ограничува пристапот на жените до контрацептивни пилули.

Законот потпишан од полскиот претседател, Андржеј Дуда, наложува пилулите „за утрото подоцна“ да можат да се купат само со рецепт од доктор. Одлуката е спротивна на апелите на групите за одбрана на човековите права и правилниците на Европската медицинска агенција.

 

Жените и девојките над 15 години, отсега ќе мораат да одат на доктор, кој мора да им го препише лекот за да можат да го купат. Полските активисти, но и парламентарците во Брисел, велат дека промената ќе има огромно влијание врз жртвите на силување и жените кои живеат во изолираните, рурални краишта на државата.

Холандската пратеничка во Европскиот парламент, Софи ин’Т Велд, вели дека законот е прекршување на заедничките европски вредности.

„Моменталната популистичка национал-конзервативна полска влада воспоставува сексуална контра-револуција, против здравствените интереси и желби на полските жени и девојки“, вели таа.

„Да се ограничи пристапот на контрацептивната пилула, заедно со правото на докторите да одбијат да третираат ваков проблем поради религиозни прашања, ќе има огромни последици“.

Европскиот комисионер за здравство, Витенис Андриутакис, „лично зажалил“ за одлуката на полската влада.

Полска е и една од земјите со најрестриктивни закони за абортус во Европа. Моменталниот закон ги забранува сите прекинувања на бременоста, освен ако таа не е резултат на инцест или силување, ако не претставува ризик за мајката или доколку фетусот не е сериозно оштетен.

Минатата година полскиот парламент одби закон предложен од владата, со кој ќе се дозволуваше абортус само доколку животот на мајката е во ризик. Законот не беше усвоен поради улични протести на кои учествуваа десетици илјади жени.