Полска поднесе кривична пријава против видеоигра за Аушвиц

Полскиот Институт на народното сеќавање поднесе кривична пријава против украинскиот производител на компјутерски игри „Aliens“ поради најавите за новата игра насловена „Цената на слободата – игра за полските логори на смртта”. Дејството во неа се одвива во нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц и во неа играчите можат да изберат да бидат членови на озлогласената Шуцштафел и да ги убијат затворениците.

Пријавата до Канцеларијата на Окружното обвинителство во Варшава ја поднесе претседателот на Институтот, кој се занимава со документација и истрага на злосторствата на нацизмот и комунизмот и воени злосторства против Полјаците, Јарослав Шарек.

Портпаролот на Канцеларијата на Обвинителот во Варшава, Лукаш Лапчињски, изјави дека пријавата е поднесена за клевета на полскиот народ, и припишува фашистички злодела на Полјаците, но и поради пропагирање на фашизам во промотивниот материјал за играта.

За такво дело во Полска се добива до три години затвор, а обвинителството во моментов собира докази.

Во играта, учесниците можат да изберат да бидат заробеници и да организираат обид за бегство од затворот, но, исто така, може да бидат чуварите на најголемата фабрика на смртта на Германија за време на Втората светска војна изградена во окупираната Полска. Играчите може да изберат дали да ги убијат затворениците, да ги испратат на работа, или директно во гасните комори.

Промотивното видео за играта се појави на „Јутјуб“ во август, на повеќе канали, но по критиките е отстранета.