„Половина Век од Полов(н)ата Револуција“ во Кинотека на Македонија

Во Кинотеката на Македонија од 17 до 21 септември ќе се одржува циклусот „Филмови за ’68: Половина Век од Полов(н)ата Револуција“.

На 17 септември ќе се прикажува чехословачкиот „Случај за неискусниот џелат“ на Павел Јурачек, а следниот ден – бугарскиот документарец „Агресијата“.

За 19 сепромври е закажан „Сонувачи“ на Бернардо Бертолучи, потоа на 20 септември е „Избор од филмски новости за ’68“, додека последниот ден (21 септември) ќе се проектира македонскиот документарен филм „Утопија 1968 – Годината со килибарна надеж“.

„Како може да се суди за ’68 половина век подоцна? Сведоци сме на воени интервенции низ светот како никогаш порано, сексот одамна стана индустриска гранка, економските поделби во општествата на разни меридијани се никогаш поголеми. Филмовите во следните четири вечери се само дел од таа бунтовна атмосфера во 1968 година“, стои во најавата за серијата проекции.

Инаку, филмскиот циклус е организиран од Кинотека во соработка со Амбасадата на Република Чешка во Македонија, Чешкиот центар во Софија и Македонската Радио и Телевизија.

Целата агенда може да се види ТУКА.