Половина средни училишта немаат кариерни центри

„Парите што ги собираме од продажбата на средношколскиот весник „Визија“, кој е проект на нашиот Кариерен центар, ги доделуваме на учениците кои немаат доволно пари за големата матурска екскурзија што се одржува во трета година. Минатата година, освен што го продававме списанието во кругот на училиштето, со неколку соученици се организиравме и појдовме на Плоштад за да продадеме некој број на случајните минувачи и да собереме повеќе пари.“. Вака средношколката Тамара Симјаноска ги опишува активностите на кариерниот центар во гимназијата кадешто учи – „Раде Јовчевски-Корчагин“ од Скопје, во сторијата на Медиум, гласилото на студентите на Високата школа за новинарство и односи со јавноста.

Центрите за кариера, кои пред четири години се отворени во дел од средните училишта низ Македонија, треба да им помогнат на учениците професионално да се определат според своите интереси и вештини и да им овоможат полесен пристап до пазарот на трудот преку контакти со работодавачи и компании. Овие центри се составен дел од проектот „Младинска мрежа за стекнување на вештини за вработување – YES Мрежа“, кој го спроведува американската владина организација УСАИД и Министерството за образование и наука на Република Македонија (МОН).

„Медиум“ истражуваше како навистина функционираат овие кариерни центри во пракса и зошто сите училишта ја немаат шансата да добијат сопствен кариерен центар.

Со кариерниот центар во скопската гимназија „Раде Јовчевски-Корчагин“ раководи професорот по Бизнис и претприемништво Ацо Спасевски. Тој вели дека опремата во Центарот е донација од УСАИД, а неговото постоење е на волонтерска база и зависи исклучиво од добрата волја на учениците. „Заедно со учениците, во рамките на Кариерниот центар го подготвуваме средношколското списание „Визија“. Списанието излегува еднаш годишно, а тоа се должи најмногу на финансиите и бројот на учениците кои се вклучуваат за да пишуваат. Некогаш кога наоѓаме дополнителни средства, нормално е дека имаме и повеќе броеви годишно. Тиражот изнесува околу 250 испечатени списанија и се продава по цена од 30 денари“, вели Спасевски. Тој објасни дека кариерниот центар функционира без никаква парична помош, односно дека просторијата каде што функционираат им ја опремиле од УСАИД, а сега сите проекти што ги спроведуваат се на волонтерска база. Единствено за средношколскиот весник им се потребни пари за печатење, но и тие ги обезбедуваат од спонзори.

Целата сторија прочитајте ја на веб-страницата на Медиум.