Владините кампањи стигматизираат, 45% од младите ги осудуваат жените што абортирале

Да запрат кампањите со кои преку континуирана промена на свеста се стигматизираат жените кои направиле абортус, се манипулира со правото на избор и абортусот се прогласува за убиство, побараа граѓанските здруженија Хера и ЕСЕ- Здружение за еманципација, солидарност и еднаквост на жените во Република Македонија.

Да запрат скапите кампањи што ги стигматизираат жените кои направиле абортусЗагрижувачки резултати покажуваат резултатите од заедничкото истражување на овие здруженија за влијателноста и за трошоците на владината медиумска кампања против абортус „Имаш право на избор. Избери живот“.  Речиси половина од младите испитаници или 45 отсто, на возраст од 15 до 24 години,  ја осудуваат жената која направила абортус, односно 37 отсто од сите испитаници. Наспроти ова 76% од гинеколозите кои биле дел од истражувањето сметаат дека абортусот е слободен избор на жената, како и 67% од испитаниците.

„Владината кампања „Имаш право на избор. Избери живот“ бележи гледаност кај 61% од населението, а 63% од тие што ја гледале се согласуваат со пораките кои ги испраќа. Дека не треба да се абортира е главна порака на кампањата идентификувана кај 28% од одговорите на испитаниците“, стои во анализата.

Да запрат скапите кампањи што ги стигматизираат жените кои направиле абортусОд здруженијата посочуваат дека иако не ги добиле бараните информации за потрошените средства, но според податоците достапни во 2009 година за оваа кампања на годишно ниво се трошат по најмалку 36 милиони денари, односно двојно повеќе отколку што Владата одвојува за Програмата за рана детекција на малигни заболувања во однос на компонентите за рано откривање на карциномот на дојката и карциномот на грлото на матката.

Наместо вакви кампањи од ХЕРА и ЕСЕ препорачуваат државните средства да се насочат кон проверени мерки за редуцирање на бројот на абортуси, кампањи за едукација на младите, девојките и жените за контрацепција, потоа обезбедување подостапна контрацепција, воведување на сеопфатно сексуално образование во училиштата , но раст на средствата за Програмата за активна заштита на мајки и деца.

Три четвртини од испитаните гинеколози сметаат дека со последните измени во законот за прекинување на бременоста ќе се отежни пристапот до абортус, а само 37% од општата популација се информирани за промените во законот, додека половина од нив сметаат дека со него се намалува правото на жената за слободен избор, стои во заклучоците од истражувањето.