Полна сала и здодевен хумор на претставата „Црногорец во кревет“

Вчеравечер скопската публика имаше можност да ја проследи претставата „Црногорец во кревет“, најавувана како урнебесна комедија. Режисерот Пеѓа Шушкавчевиќ, го искористи познатиот стереотип за Црногорците – мрзлива нација, како идеја за двочасовна претстава.

По дваесетминутно чекање претставата да започне, на сцената се појави Лала Новаковиќ, која со подолг монолог го опиша нејзиниот тажен и досаден живот како жена на Петко. Имено, нејзиното секојдневие се состои од извршување на обврските на домаќинка, чекајќи го својот мрзлив маж да се врати од кафеана. А кога тоа ќе се случи, таа е изложена на низа зајадливи коментари и критики од негова страна: за нејзиниот изглед, за нејзината мајка, за фактот што само еднаш го конзумирале бракот, а потоа повеќе од 22 години – „суша“. Прикажано преку дијалог-караница, оваа претстава не и нуди ништо ново и забавно на публиката. Разговорите помеѓу сопружниците се монотони и досадни, а го прикажуваат стереотипот за типично балканско семејство, површно, како изведбата на Новаковиќ.

IMG_20141111_201942

Петко, во изведба на Пеѓа Шушкавчевиќ, е мрзлив Црногорец, алкохоличар, кој ја мрази својата жена затоа што нема иста физичка градба како манекенка. Се труди тоа да и го повторува неколку пати на ден и го наведува како причина која што не му дозволува да ги извршува своите брачни должности, повеќе од две декади. Тој е љубител на пиењето, кој везден зборува за својот дедо, претставувајќи го како идеална личност. Освен што зборува и пие, не прави ништо друго, а неговата мрзеливост најдобро се прикажува во моментот кога пробува да и ја исполни желбата на сопругата да ја повторат нивната брачна ноќ. Успева само да ја соблече повеќеслојната облека и од премореност, веднаш заспива.

IMG_20141111_204544

Шушкавчевиќ, освен со изведбата на Петко, своите таленти ги покажа и успешно справувајќи се со немирната публика чии мобилни телефони и зајадливи коментари не стивнуваа.

Оваа претстава изобилува со иронични и саркастични досетки кои го критикуваат општеството, политиката и балканскиот менталитет. Но тоа го прави на веќе виден и испробан начин, вметнувајќи во самите дијалози популарни мислења на луѓето од социјалните мрежи. И токму затоа „Црногорецот во кревет“ може да биде малку здодевен.

Александра Филипова