Полна агенда со средби – Студентката Ана Марија Наумовска искуси како е да се биде амбасадорка на Шведска

Деветнаесетгодишната студентка по право од Битола, Ана Марија Наумовска, на еден ден ја презеде функцијата на шведската амбасадорка во С. Македонија, Кристин Форсгрен Бенгтсон. Таа имаше можност да влезе во улога на амбасадорката во склоп на глобалната иницијатива #ДевојкитеПреземаат (#GirlsTakeOver).

Нејзината агенда во петокот беше исполнета со разни средби и состаноци со партнерски организации. Наумовска се запозна со работата на амбасадата, беше домаќин на работен ручек со партнерските организации на шведската развојна соработка, а оствари и средби со заменик евроамбасадорот Џулијан Васало и со претседателот Стево Пендаровски.

„Денот го започна со средба со персоналот на амбасадата каде се запозна одблиску со работата на секој од секторите, по што следеше интерен состанок со тимот за комуникација и промоција на кој имаше можност да се запознае, од прва рака, со работата на амбасадата на полето на јавната дипломатија“, информираат од шведската амбасада.

При средбата со Васало, Наумовска истакна дека младите сакаат да бидат ангажирани и да придонесуваат во развојот на општеството, но дека им е потребен поголем простор за дејствување за да може гласот на младите да допре до, и да биде земен предвид од страна на клучните чинители задолжени за донесување одлуки во државата.

Таа истакна дека отвореноста на „Европските куќи“ низ целата земја да бидат домаќини на младински активности е добар чекор напред кон обезбедување повеќе простор за младите да се изразат, да ги градат своите капацитети, како и да разменуваат идеи и да се вмрежуваат.

Со Пендаровски, пак, разговараа за потребата од повеќе младински и културни активности низ целата земја.

„Таа со претседателот разговараше за потребата од подобро образование, деполитизација и департизација на пазарот на трудот, како и за нужноста од зголемени напори за борба против корупцијата, кои според неа претставуваат главните младински грижи и причини за одливот на мозоци во земјата. Таа му се заблагодари на претседателот за неговата силна поддршка на младите, и на уметноста и културата во земјата“, информираат од амбасадата.

Нејзиниот ден како амбасадорка заврши со размена на впечатоци и пишување извештај за постигнатото во текот на денот.

Иницијативата #ДевојкитеПреземаат е покрената од шведската влада и шведската организација „План Интернејшенал“. Нејзина цел е да повика на акција за социјални и политички промени со цел да се урнат бариерите на дискриминација и предрасуди кои продолжуваат да ги кочат девојките, посочуваат од амбасадата.