Политизирани општини – безгласни граѓани

Политизирани општини- безгласни граѓаниВо Македонија има силно политизирана јавна администрација и градоначалници кои штом дојдат на власт забораваат на потребите на граѓаните. Ова се дел од ставовите изнесени на четвртата дебата организирана од „Диверзити медиа“ на тема „Партиска општина или општина на граѓаните?“.

Според професорот Јове Кекеновски, токму поради политизацијата, граѓанските иницијативи тешко помининуваат кај општинските власти – инструменти има, но нема политичка волја.

Izjava Jove Kekenovski by Radio Mof on Mixcloud

Според минатогодишното истражување на УСАИД, над 44% од јавната администрација во државата е партизирана, бројка за која Кекеновски вели дека е многу повисока. Оттука, додава тој, дури и ако имаме добар политичар на чело на општината, а непрофесионална и партизирана општинска администрација, тогаш тешко дека ќе има добри резултатите од работата на општината.

Со него се согласува и претседателот на Либералната партија, Ивон Величковски, кој посочи дека токму партизираноста на вработените во администрацијата е клучот за нејзиниот неуспех.

„Политиката стимулира да нема почитување на се што е претходно направено, па се смета дека историјата започнува од секоја нова политичка гарнитура“, вели Валичковски кој додава дека ваквото однесување и немањето конзистентност ја поткопува работата на администрацијата.

За Величковски, има три предуслови кои мора да се исполнат ако сакаме општините да се оттргнат од рацете на политичарите, за конечно да им се вратат на граѓаните. Како прво, вели тој, потребно е граѓаните да се инволвираат во политиката и во начините на одлучување.

Izjava Ivon Velickovski by Radio Mof on Mixcloud

Дека политиката и администрацијата одат рака под рака, потврдува и градоначалникот на општина Чаир, Изет Меџити. Се е исполитизирано, смета тој, но додава дека во неговиот случај, тоа што по третпат е избран за градоначалник, е знак дека ја ужива довербата кај граѓаните.

Izjava Izet Medziti by Radio Mof on Mixcloud

За функционални општини потребна е нивна деполитизација сметаат експертите. Сепак, овој процес во Македонија допрва треба да започне, посочуваат учесниците на дебата која даде одговор на прашањето имаме ли „Партиска општина или општина на граѓаните?“.

Ј.Ј.