„Политизацијата на отфрленото“ – изложба на Кристина Божурска и Зорица Зафировска

Изложбата „Политизацијата на отфрленото“ на авторките Кристина Божурска и Зорица Зафировска ќе биде отворена денеска (2 април) во изложбениот простор на Агенцијата за сериозни интереси – СИА во Скопје. Оваа изложба е резултат на отворениот повик за млади визуелни уметници, со цел да им овозможи на учесниците во изложбата да направат конструктивен и креативен одговор на одредени аспекти на локалниот контекст во градот Скопје.

Како што информираат од СИА, покрај голем број испратени апликации, уметниците кои го сочинуваа потесниот круг беа Кристина Божурска, Зорица Зафировска, Горан Менков, Душан Пејчев и Зоран Шеќеров, избрани од жири комисијата во состав: Петра Бишоф од „АртЕнгл“, Бланка де ла Торе, кураторка во „Артиум“, Музејот за современа уметност во Виторија, Шпанија, Марта Попивода, режисерка и културна работничка, недамнешен добитник на наградата „Берлинска уметничка награда за визуелна уметност„ како и д-р Небојша Вилиќ, историчар на уметност и професор при Факултетот за ликовни уметности во Скопје.

„Наместо желбата да се репрезентираат поединечни дела со различни тематики на оделни уметници, жири комисијата, врзувајќи се на тематиката на самиот отворен повик, се определи изложбата да биде конципирана како рефлексија на моменталните збиднувања во нашиот град. Избраните дела обработуваат една тема – положбата на локалниот работник, при што се избрани уметничките делата на Кристина Божурска и Зорица Зафировска (со различен број на гласови на членовите на жирито), да бидат претставени на оваа изложба“, посочуваат од SIA.

Отворањето на оваа изложба е најавено во 20:00 часот.

Кристина Божурска е родена 1984 г. во Куманово. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на одделот сликарство. Во моментов е на постдипломски Културолошки студии на Институт за литература. До сега имала три самостојни изложби: „Цртежи компресии“ во Галерија УНА, Бјаред, Шведска; „Компресии“ во Националната галерија на Македонија, Мултимедијален центар „Мала Станица“, Скопје; и „Garbage Bags“ во напуштен простор во Куманово. Има учествувано на повеќе групни изложби во земјава и странство и е добитник е на неколку стипендии и награди.

Зорица Зафировска е родена 1982 г. во Скопје и во 2006 дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Зад себе има 6 самостојни изложби кои се резултат на долготрајни истражувачки проекти кои имаат широк спектар тематики како социјални, културни и општествени, научни достигнувања и конзумеризам. Користи примероци на човечка коса или крв за инсталациите „99% Природно“ (2007) во Магаза, Битола, Dnk prints и во перформансот „My love and my blood“ и во инсталацијата „Можеш ли да ја разликуваш вештачката?“ како критички осврт кон злоупотребата на природата. Автор е на публикацијата „Pocketpedia of the human trafficking in the 21st century“ во 2008, резултат на двегодишно истражување на тема трговија со луѓе која беше презентирана на „Expo – Shanghai, artwork and antiques“ во 2009. Изложувала во повеќе земји во Европа, Азија и Америка.

Агенцијата за сериозни интереси (Serious Interests Agency – SIA) е независен центар во Скопје кој промовира креативни и теоретски практики кои подразбираат општествен ангажман и промена.  СИА ги поддржува уметничките, кураторските и теоретските/истражувачките активности, вклучувајќи го и урбаното и архитектонско истражување, а е заинтересирана за проекти кои испитуваат, набљудуваат, анализираат и конструктивно или креативно ги допираат локалните контексти.