Политички бројач на „Мој воздух“: Едно остварено и 19 започнати од 39 ветувања за загадувањето на Петре Шилегов

„Мој воздух“ информира дека има промена во политичкиот бројач за потпишаните барања на 02 Коалиција од градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, во врска со аерозагадувањето.

„Целосно исполнети: 1 ветување. Започнати: 19 ветувања. Неисполнети: 19 ветувања. Градоначалникот е на фукција една година и 49 дена“, соопшти Мој воздух преку „Политички бројач“, алатка за оддржување на политичката одговорност на градоначалникот кон воздухот и животната средина.

Градоначалникот Петре Шилегов, пак, на јавната расправа за загадувањето во Собранието на 27 ноември во однос на 39-те барања на 02 Коалиција рече дека 17 се целосно исполнети, 12 се започнати, пет не се надлежност на Град Скопје и пет се неостварени.

Тој во своето излагање во законодавниот дом, меѓу другото, нагласи дека затекнал запуштен град без концепт за решавање на загадувањето. Според него, од претходните три сега има 18 инспектори, редарите се следат со GPS, а оваа грејна сезона направиле и две ненајавени вонредни контроли на носителите на т.н. Б лиценци.

„Градот Скопје за прв пат изрече околу 260 мандатни казни на несовесни граѓани, институции и правни лица кои со поведението придонесувале за загадувањето. Подготвуваме 12 кривични пријави кон диви отпади и луѓе кои палат пластики за да профитираат. За прв пат од ланската година воведе организиран систем во борба против огнови на отворено. Градот Скопје изготвува Закон за комунална полиција. Само 17% од домовите се приклучени на топловодна мрежа, затоа основаме Градски енергетски системи. Набавуваме 40-ина еколошки автобуси на гас. 12 километри велосипедски патеки за една година. Реобновени се 100.000 квадрати зелена површина“, рече Шилегов од говорницата, наведувајќи генерално активности на Градот во поглед на животната средина.

Во документот на О2 Коалиција, потпишан пред локалните избори во октомври 2017, меѓу другото, стои и барање за активно вклучување на граѓанските иницијативи во припрема на планови, програми, стратегии, буџети кои ги засегаат скопјани.

Потоа, стоп за прскање на улиците со калциум магнезиум ацетат, санирање на коритото на Вардар, воведување пасивно дежурство на инспекциските служби вон работното време, исто така инсистирање на покривање на HCH изомерните депонии на ОХИС до крајот на годината, објавување на физибилити студијата за Вардариште на веб страната на Градот, ревизија на ГУП Град Скопје 2012-2022 од аспект на животна средина, испитување на почвата за тешки метали во околината на Железара и во најблиските објекти, масовно раззеленување на Скопје, воспоставување на пешачка зона во централниот дел, автомобилите да се тргнат вон тротоари, субвенции за обновливи извори на енергија…

Б.Ш.