Политичката волја клучна за намалување на штетите од климатските промени

Честите поплави кои имаат катастрофални последици по животот и имотот на луѓето, високите температури и загадувањето на воздухот се само дел од екстремните климатски појави во регионот, од кои директно се засегнати и македонските граѓани.

Ублажувањето на негативните ефекти од климатските промени во овој регион беше тема на конференција на ЕКРАН – мрежата на Европската Комисија за адаптација кон климатските промени на земјите од западниот Балкан и Турција, која денеска се одржува во Скопје.

Целта е адаптацијата на климатските промени и состојбата со животната средина да се држи високо на агендите на властите во земјите кандидати за членство во Европската Унија, преку финансиска помош и регионалната соработка која им се нуди од ЕУ. Воведните говорници ја истакнаа политичката волја како најважен елемент во имплементацијата на препораките и справувањето со предизвиците на климатските промени.

DSC_0821

Роб Бакс од ЕКРАН истакна дека поради ризикот од екстремните климатски појави, расте интересот кај земјите од овој регион за адаптација на климатските промени. Овие конференции, вели, се за да се увиди кои што е применливо за секоја одделна држава.

„Мислам дека сме на добар правец, но не сме на целта. Ќе биде потребно уште многу поголемо внимание и политичка волја за адаптацијата на климатските промени. Во Македонија претходниов месец имавте трагичен настан, но во последниве година и половина имавте повеќе такви случувања – така што верувам дека постои посебен интерес за оваа проблематика од македонските политичари и администрацијата“, вели Бакс.

Заменик министерот за животна средина Стево Темелковски, тврди дека во македонската Влада приоритет е намалувањето на загадувањето на воздухот, додека посветено се работи и на справувањето со негативните последици од климатските промени.

Информираше дека веќе почнале да излегуваат резултатите за причините на загадувањето во Скопје, Тетово и Битола како најзагрозени реони. Додека процесот на гасификација, филтрите кај големите индустриски капацитети и владината мерка за замена на печките на јаглен и дрва со пелети ќе имаат придонес кон справување со загадувањето.

„Ние правиме сè загадувањето да биде пониско. Точно знам колку беше загадувањето во Скопје пред 30, 40 или пред 50 години кога, како дете, сум одел на училиште во оние ноемвриски магли, кои се создаваа како реперкусија на загадувањето на амбиенталниот воздуг. Воздухот во Македонија, според нашата мрежа за мониторинг, е хемиски е чист, ние имаме само проблем од прашината од овие ПМ-10 честички кои ги идентификуваат нашите системи. На тој проблем посветено работиме и мислам дека нештата  ќе одат на подобро“, рече Темелковски.

Тој додаде дека почнува и проект преку кој, со помош на Обединетите Нации, ќе се извршат конкретни интервенции на местата каде се појавуваат суши, свлечишта или поплави како последици од климатските промени. А има и акционен план за чистење на речните корита, на кој интензивно се работи во соработка со повеќе министерства.

Беатриз Јорди од Европската Комисија рече нивна цел е што порана ратификација на глобалниот Париски договор за справување со климатските промени. Сакаат раната ратификација да ја следат и земјите од западниот Балкан.

„Мислам дека тоа е национална политичка обврска. Од европска перспектива ова треба да биде глобална заложба и сите држави да ги насочат политиките кон оваа проблематика, ги охрабруваме и подготвени сме да ги поддржиме“, рече Јорди.

Парискиот договор за климатските промени беше потпишан од 180 земји на 22 април оваа година и претставуваше прв сеопфатен климатски договор. Со него треба да се намали високиот раст на просечните температури на светско ниво, да се намали емисијата на стакленички гасови, како и да ублажување на негативните последици од климатските промени.