Продолжува политичката агитација во прилепската гимназија „Мирче Ацев“. Утрово ученици од други училишта упаднале во дворот на гимназијата повикувајќи ги нивните соученици да се приклучат во протестите на иницијативата „За заедничка Македонија“.
Во едно од видеата, објавено од порталот „10 без 10“, се гледа како ученичка им довикува на насобраните ученици „Да си одите во вашето училиште“, на што толпата возврати со скандирање „Продадени души“.
Директорот на гимназијата, Кире Николоски, вчера негираше дека ги тера учениците да излегуваат на протест, но тие беа ослободени од претпладневната настава со таа цел. Според видеата кои денеска се појавија на социјалните мрежи, може да се забележи дека ученици од други училишта упаднале за време на часовите.
По вчерашното видео, во кое се слуша директорот, инаку професор по историја, како им држи говор на ученици за унитарност на државата, повеќе организации и родители побараа одговорност. Народниот правобранител Иџет Мемети по сопствена иницијатива отворил постапка против Николоски.
Од Транспаренси Интернешнл – Македонија (ТИМ) велат дека поднеле иницијативи за вршење на инспекциски надзор до Државниот просветен инспекторат и Министерството за труд и социјална политика, а побарале постапување и од Народниот правобранител на Република Македонија.
„Бараме од институциите да го испитаат случајот согласно своите надлежности и одговорните да бидат казнети согласно законите. Вакви слични случаи повремено се повторуваат, а при тоа не се лоцира одговорност и казните изостануваат. Неказнивоста на злоупотребите на службената положба и политичката заштита над прекршителите на законот мора да престане, па поради тоа ТИМ ќе ги следи овие постапки до крај и ќе бара доследно почитување на законот“, се наведува во соопштението на ТИМ.
Слична реакција вчера упати и Хелсиншкиот комитет, од каде нагласија дека согласно Законот за средно образование забрането е секакво политичко организирање и дејствување, како и дискриминација по основ на национално потекло и политичко уверување.
„Подгревањето на националните страсти од страна на носители на јавни функции, како што се директорите на училиштата, може да доведе до разгорување на национална и етничка нетрпеливост во поголеми размери. Со ваквото незаконско дејствување на директорите, осоновано може да се констатира дека се исполнуваат битијата на кривичните дела Злоупотреба на службената положба и овластување и Предизвикување омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа“, стои во реакцијата на Хелсиншки комитет.
Медиумите пренесуваат дека група родители денеска доставиле писмо со барање за оставка на директорот на гимназијата „Мирче Ацев“, Кирил Николоски, итно свикување на родителски совет и покренување постапка за одговорност на директорот.