Полициски час од 21 до 6 часот, одлучи владата

Од утре, 22 март, од 21 часот се воведува полициски час на целата територијата на Република Северна Македонија кој ќе трае секој ден од 21 до 6 часот наутро, соопшти Премиерот Оливер Спасовски по вечерашната владина седница.

Спасовски соопшти дека на седницата била донесена одлука за воведување на, како што кажа, најрадикални мерки со цел да се спречи ширењето на коронавирусот и да се заштити здравјето на граѓаните.

„Нема компрмис кога здравјето на граѓаните е во прашање. Мерките мораме сите да ги почитуваме и само така ќе ги спасиме и народот, и државата. Животот радикално се промени, како кај нас, така и во целиот свет. Таа ситуација бара од нас исто такво радикално менување и на нашето секојдневие. Затоа ја донесуваме оваа мерка. Владата на РСМ ја донесе оваа тешка одлука врз основа на стручно мислење на Комисијата за заразни болести. Според нивните анализи и научно засновани сознанија за интензивирање на локалното пренесување на коронавирусот се налага ваква радикална мерка, за да се спречи натамошно ширење на вирусот“, рече Спасовски.

Од ваквата забрана се исклучуваат лицата кои имаат потреба од итна медицинска помош, лица кои се наоѓаат во животозагрозувачка состојба и лица на дијализа, но исклучиво во придружба на најмногу две лица.

„Доколку поради итноста на здравствената состојба, возилото биде запрено од полициска придржуба, дополнително ќе се евидентира и ќе се провери оправданоста на излегувањето и превозот до здравствената институција преку приложување на медицинската документација по завршување на медицинскиот преглед, ова е усогласен став со МВР и е оперативно изводливо“, потенцираше Спасовски.

Директорите на јавните здравствени установи, додава тој, треба да изготват список на вработени лица за кои се предвидува дека ќе имаат неопходна потреба за движење вон лимитираното време, а тој список да се достави до МВР или друго надлежно министерство или установа, со цел да се изготват специјални пропусници.

„Со тоа, МВР ќе има комплетен увид за временскиот период кога овие лица ќе се движат. Во контекст на постоечките рестрикции, за движење не се опфатени припадниците на МВР, Армијата на РСМ, противпожарните екипи, лица вработени во комуналната хигиена кои во моментот се на работа во смена“, рече Спасовски.

Исто така донесена е и одлука за ограничување на бројот на дежурни аптеки на територијата на градовите, а од Агенцијата за лекови, МАЛМЕД или ФЗОМ да назначат одреден број на аптеки кои ќе дежураат во рестриктивниот период.

„Пристапот до дежурните аптеки ќе се ограничи само на лица кои извршиле медицински преглед во здравствена установа, а како доказ за тоа ќе приложат медицински извештај од извршен преглед“, рече Спасовски.

Премиерот информираше дека со новите мерки градскиот превоз во Скопје, како и меѓуградскиот автобуски превоз низ земјата ќе мора да го лимитира бројот на патници, со тоа што меѓу нив ќе има најмалку два метри оддалеченост.

Ваквата мерка доаѓа по прогласената вонредна состоја на територијата на државата и кризната состојба прогласена во општините Дебар и Центар Жупа.